Михеј 6:1-8
Михеј 6:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Слушајте што вели Господ: „Стани и суди се пред горите, ридовите да го чујат гласот твој!“ Чујте го, гори, судот Господов, и вие, цврсти основи на земјата, зашто Господ му суди на Својот народ, се тужи со Израел. „Народе Мој, што ти направив и со што ти дотегнав? Одговори Ми. Јас те изведов од египетската земја, те ослободив од куќата на ропството и ги водев пред тебе Мојсеј, Арон и Мирјам. Народе Мој, сети се што кроеше Валак, царот моавски, и што му одговори Валаам, синот Беоров и што стана од Ситим до Гилгал – за да ги познаеш праведните дела на Господ.“ „Со што да застанам пред Господ, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со сепаленици, со едногодишни телци? Но може ли да Му се угоди на Господ со илјадници овни или неизмерни потоци масло? Дали да Му го дадам мојот првороден син за престапите свои и плодот на утробата своја – за гревовите на душата своја?“ О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог.
Михеј 6:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Чујте сега што зборува Господ: „Стани! Суди се пред горите, и бреговите нека го чујат твојот глас! Гори слушајте ја Господовата пресуда, основи на земјата, чујте, зашто Господ се суди со Својот народ, Тој се суди со Израел: Народе Мој, што ти сторив? Со што те изморив? Одговорете против Мене, Јас те изведов тебе од Египетската Земја, те избавив од куќата на ропството; го испратив пред тебе Мојсеја, Арона и Маријам. Народе Мој, спомни си сега: Што беше наумил Валак, моавскиот цар? Што му одговори нему Валаам, синот Веоров, (спомнете си за сѐ збиднато) … од Ситим до Галгал, за да ги познаеш праведните Господови дела?“ Со што ќе дојдам пред Господа, ќе паднам ли ничкум пред Сѐвишниот Бог? Ќе дојдам ли пред Него со жртва паленица, со телиња годиначиња? Дали ќе Му бидат мили илјада овни, илјада илјади потоци масло? Треба ли да се принесе првородениот син заради својот престап, плодот на својата утроба заради гревот на мојата душа? Човеку, објавено ти е, што е добро, што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог.