Матеј 7:24-29
Матеј 7:24-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
„Секој што ги слуша Моите зборови и ги извршува е мудар и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз камена подлога; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа нема да се урне, бидејќи е изградена врз камена подлога. А секој што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува е глупав и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз песок; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа ќе се урне со стравотен тресок!“ Кога Исус го заврши својот говор, народот беше восхитен од начинот на кој Тој го поучуваше, зашто, за разлика од вероучителите, Тој го поучуваше со вистински авторитет.
Матеј 7:24-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.“ И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење, зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците.
Матеј 7:24-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
“И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.“ И кога Исус ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење; зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како нивните книжници.