Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 7:13-27

Матеј 7:13-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“ „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава доб­ри плодови, а лошо дрво дава лоши пло­дови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“ „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството не­бесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‚Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име де­мо­ни не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Ни­ко­гаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘“ „И така, секој што ги слуша и ги ис­полнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страш­но.“

Матеј 7:13-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“ „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци. По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви! Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови. Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод. А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат! Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“ „Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко. Кога ќе дојде Судниот ден, мнозина ќе ми велат: ,Господе, Господе! Ние во Твое име пророкувавме, во Твое име демони протерувавме и во Твое име чуда правевме!‘ Тогаш Јас ќе им речам: ,Никогаш не Сум ве познавал! Тргнете се од Мене вие кои ги кршевте Божјите закони!‘“ „Секој што ги слуша Моите зборови и ги извршува е мудар и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз камена подлога; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа нема да се урне, бидејќи е изградена врз камена подлога. А секој што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува е глупав и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз песок; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа ќе се урне со стравотен тресок!“

Матеј 7:13-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа. Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.“ “Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци. Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови. Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, ако не раѓа добри плодови, се сече и се фрла во оган. И така: ќе ги препознаете по нивните плодови.“ “Не секој, што Ми вели: ‘Госпо-ди, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата. Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’ И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’ “И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.“