Матеј 7:1-29
Матеј 7:1-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
„Не осудувајте други, па и вие нема да бидете осудувани. Зашто, како што ќе судите вие, така и вам ќе ви биде судено; со каква мера ќе мерите, со таква и вам ќе ви се мери. Не гледај ја раската во окото на твојот ближен, туку гледај ја гредата во сопственото око! Како можеш да му кажеш на својот ближен: „Дај да ти ја извадам раската од окото“, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерство! Отстрани си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на твојот ближен!“ „Не давајте им го на пците тоа што е свето; не фрлајте бисери пред свињи, зашто тие ќе ги изгазат, а пците, пак, и врз вас ќе се нафрлат!“ „Молете и ќе добиете; барајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви биде отворено, бидејќи, секој што моли ќе добие; оној што бара ќе најде; на оној што чука ќе му биде отворено. Има ли меѓу вас некој, кој на својот син би му дал камен, ако тој моли за леб? Или да му подаде змија, ако тој моли за риба!? Па, кога вие, коишто сте грешни, знаете да им давате добри подароци на своите деца колку повеќе и подобри нешта ќе добие од својот небесен Татко оној што ќе Го замоли!“ „Постапувајте со луѓето онака како што сакате тие да постапуваат со вас тоа е суштината на Мојсеевиот Закон и на она што го проповедаа пророците.“ „Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“ „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци. По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви! Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови. Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод. А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат! Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“ „Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко. Кога ќе дојде Судниот ден, мнозина ќе ми велат: ,Господе, Господе! Ние во Твое име пророкувавме, во Твое име демони протерувавме и во Твое име чуда правевме!‘ Тогаш Јас ќе им речам: ,Никогаш не Сум ве познавал! Тргнете се од Мене вие кои ги кршевте Божјите закони!‘“ „Секој што ги слуша Моите зборови и ги извршува е мудар и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз камена подлога; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа нема да се урне, бидејќи е изградена врз камена подлога. А секој што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува е глупав и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз песок; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа ќе се урне со стравотен тресок!“ Кога Исус го заврши својот говор, народот беше восхитен од начинот на кој Тој го поучуваше, зашто, за разлика од вероучителите, Тој го поучуваше со вистински авторитет.
Матеј 7:1-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„Не судете, за да не бидете судени; зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери. Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја чувствуваш? Или, како ќе му кажеш на твојот брат: ‚чекај да ти ја извадам раската од окото‘, кога во твоето око има греда? Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат! Светото не давајте им го на кучињата, и не фрлајте си го бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и, да се вратат, и да ве раскинат.“ „Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори. Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде камен, и кога ќе посака риба, ќе му даде змија? И така, ако вие кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат? Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; зашто тоа е Законот и пророците.“ „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“ „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“ „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‚Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘“ „И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.“ И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење, зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците.
Матеј 7:1-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Не судете, за да не бидете судени! Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери.“ “Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око? Или, како ќе му речеш на брата си: ‘Дозволи ми, да ти ја извадам раската од твоето око; а, пак, ете, во твоето око има греда?’ Лицемере, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш јасно, како да ја извадиш раската од окото на брата си.“ “Не давајте им го она што е свето на кучињата; ниту фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат со своите нозе, и да се завртат и да ве раскинат.“ “Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој кој моли, добива; кој бара, наоѓа, и на оној кој чука, ќе му се отвори. Или, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара леб, ќе му даде камен? Или, ако му побара риба, ќе му даде ли змија? И така, ако вие, кои сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе вашиот Татко, Кој е во небесата, ќе им даде добра на оние, кои Го молат?“ “И така, сѐ што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така; зашто тоа е Законот и пророците.“ “Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа. Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.“ “Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци. Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови. Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, ако не раѓа добри плодови, се сече и се фрла во оган. И така: ќе ги препознаете по нивните плодови.“ “Не секој, што Ми вели: ‘Госпо-ди, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата. Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’ И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’ “И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.“ И кога Исус ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење; зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како нивните книжници.