Матеј 4:1-10
Матеј 4:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот. Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“ Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат, на своите дланки да Те понесат, за да не ти се препне од камен ногата.‘“ А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“ Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава; и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“ Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“
Матеј 4:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Духот Го одведе Исус во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови.“ А Тој му одговори и рече: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“ Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на стреата од храмот и Му рече: „Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш ногата од камен.‘“ А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господ, Твојот Бог.‘“ Потоа ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“ Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господ, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“
Матеј 4:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот. И откако постеше четириесет дни и четири-есет ноќи, најпосле огладне. Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: „Ако си Божји Син, кажи овие камења да станат лебови!“ А Тој одговори и рече: „Напишано е: ‘Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор, што излегува од устата на Бога’.“ Тогаш ѓаволот го одведе во Светиот Град, Го постави на крилото на Храмот, и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, и ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.’ Исус му рече: „Напишано е повторно: ‘Не искушувај Го Господа, твојот Бог’!“ Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора и Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава, и Му рече: „Ќе Ти го дадам сѐ ова ако паднеш и ми се поклониш.“ Тогаш Исус му рече: „Оди си, сатано, зашто е напишано: ‘На Господа, твојот Бог, ќе Му се по-клонуваш и ќе Му служиш само Нему!’“