Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 28:1-8

Матеј 28:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. И ете, стана голем потрес; ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него; лицето му беше како молња, а алиш­тата – бели како снег; а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви. Ангелот им се обрати на жените и им рече: „Не плашете се; знам дека Го барате Исус распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на уче­ниците Негови дека Тој воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Га­ли­леја; таму ќе Го видите. Ете, ви ка­жав.“ И излегоа брзо од гробот, со страв и голема радост и отрчаа да им соопштат на учениците Негови.

Матеј 28:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога измина саботата, во раните мугри на неделата, Марија Магдалена и другата Марија дојдоа да го посетат гробот. Одненадеж почвата силно се затресе; ангел Господов слезе од небото, го тргна каменот со кој беше затворена гробницата и седна врз него. Лицето му светеше како молскавица, а облеката му беше бела како снег. Стражарите толку се исплашија, што како мртви испопаѓаа по земјата. Ангелот им се обрати на жените: „Не плашете се! Знам дека Го барате распнатиот Исус. Не е тука; воскресна, како што однапред ви беше рекол! Влезете и погледнете го местото каде што беше положено Неговото тело. Одете брзо и кажете им на Неговите ученици дека Тој воскресна од мртвите и дека е на пат кон Галилеја. Појдете таму и ќе Го видите. Еве, дојдов да ви го кажам тоа.“ Со измешани чувства на страв и радост жените веднаш ја напуштија гробницата и со трчање се упатија кон Исусовите ученици да ги известат за ова.

Матеј 28:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А по саботата, на осамнување на првиот седмичен ден, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го одмести каменот и седна на него. А лицето му светеше како молња, а неговата облека - бела како снег. Од страв пред него, стражарите трепереа и станаа како мртви. Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: „Вие не бојте се! Зашто знам дека Го барате распнатиот Исус. Го нема тука, зашто воскресна, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше, и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите и - ете - Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!“ И тие излегоа веднаш од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици.