Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 27:1-31

Матеј 27:1-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини напра­ви­ја договор против Исус за да Го убијат; и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат. Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на прво­свештениците и старешините, велејќи им: „Згрешив, зашто пре­да­дов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“ Тој ги фрли сребрениците во хра­мот, излезе и отиде, та се обеси. Првосвештениците ги собраа сре­бре­ниците и рекоа: „Не чини да се стават во црковната каса, бидејќи се пла­те­ни за крв.“ Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија: „И ги зедоа три­е­сет­те сребреници, цената на Непроцен­ли­виот, Кого Го оценија синовите Израе­л­ови, и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“ И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти ве­лиш.“ И кога Го обвинуваа прво­свеш­те­ни­ци­те и старешините, Тој ништо не одговараше. Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“ И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу. А на секој празник Пасха управ­ни­кот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале. Тогаш тие имаа еден прочуен зат­вореник, по име Варава. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“ Зашто знаеше дека Го беа предале од завист. Во тоа време, кога тој седеше во су­дот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, заш­то денеска многу пострадав на сон заради Него.“ Но првосвештениците и ста­ре­ши­ни­те го наговорија народот да го из­мо­ли Варава, а Исус да Го погуби. Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“ Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одгово­рија сите: „Да биде распнат!“ Управникот рече: „Па какво зло на­правил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“ Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде во­да, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Правед­ник; мислете му вие!“ И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“ Тогаш им го пушти Варава, а Исус, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат. Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа ба­греница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.

Матеј 27:1-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

На разденување, се состанаа сите свештенички поглавари и народни старешини и решија да побараат од римските власти Исус да биде погубен. Го врзаа и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат. Кога предавникот Јуда разбра дека Исус е осуден на смрт, кај него се јави грижа на совеста, па им ги врати триесетте сребреници на свештеничките поглавари и на старешините, изјавувајќи: „Згрешив, бидејќи предадов невин човек!“ Но тие му одговорија: „Што имаме ние со тоа? Тоа си е твоја работа!“ Тогаш Јуда ги фрли сребрениците во храмот, си замина оттаму и се обеси. Свештеничките поглавари ги собраа парите и рекоа: „Овие пари беа дадени за да се погуби човек; затоа не смеат да се стават во црковната каса!“ Одржаа состанок на кој решија да се купи ,грнчаревата нива‘ и да се користи како гробишта за туѓинци. Поради ова, таа нива до денес се вика ,Крвна нива‘. На тој начин се исполнија зборовите на пророкот Еремија: „Ги зедоа триесетте сребреници, цена што за Непроценливиот ја определија Израелците. Ги платија за нивата на грнчарот, како што Господ ми објави.“ Исус беше доведен пред римскиот гувернер Пилат, кој Го запраша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ А кога свештеничките поглавари и старешините почнаа да ги изнесуваат своите обвинувања против Него, Исус молчеше. Тогаш Пилат Му рече: „Зар не ги слушаш овие тешки обвиненија против Тебе?“ Но Исус воопшто не му одговараше, на што гувернерот многу се чудеше. А на секој празник, гувернерот пушташе од затвор по еден затвореник, по избор на народот. Во тоа време в затвор беше еден озлогласен разбојник, по име Бараба. Пилат го запраша насобраниот народ: „Кого сакате да ви го ослободам: (Исус) Бараба или Исус, наречен ,Месијата‘?“ Пилат знаеше дека еврејските водачи му Го предадоа Исуса од завист. Додека Пилат го водеше судењето, му ја донесоа следната порака од неговата сопруга: „Не учествувај во осудувањето на Тој праведен човек, зашто ноќва имав морничави соништа поради Него!“ Но свештеничките поглавари и народните старешини го наговорија народот да бара ослободување за Бараба, а погубување за Исус. Гувернерот повторно го праша насобраниот народ: „Кој од овие двајца сакате да ви го ослободам?“ А тие извикаа: „Бараба!“ Тогаш Пилат ги праша: „А што да правам со Исус, наречен ,Месијата‘?“ Тие на сиот глас викаа: „Распни Го на крст!“ „Какво злосторство извршил?“ ги праша Пилат. Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“ Пилат виде дека ништо не може да постигне и дека викањето станува си погласно, па зеде вода, си ги изми рацете пред народот и рече: „Јас сум невин за смртта на овој човек! Ова е ваше дело!“ „Ние и нашите деца ја преземаме одговорноста за Неговата смрт!“ викаше целиот насобран народ. Тогаш Пилат им го ослободи Бараба, а на своите војници им нареди да Го камшикуваат Исуса и потоа да Го распнат на крст. Тогаш војниците на гувернерот Го воведоа Исуса во дворот и околу Него се насобра цела чета војници. Тие Му ја соблекоа горната облека и Му облекоа црвена наметка. Исплетоа венец од трње и Му го ставија на главата, а во десната рака Му ставија една трска. Потоа паѓаа пред Него на колена и Му се подбиваа, велејќи Му: „Здраво, еврејски царе!“ Го плукаа и со трската Го удираа по главата. Откако доволно се изнашегуваа со Исус, Му ја симнаа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата горна облека. Потоа Го поведоа на распнување.

Матеј 27:1-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога се раздени, сите свештенички главатари и народните старешини се советуваа против Исуса, за да Го убијат. И Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Понтиј Пилат. Тогаш Јуда, кој Го пре-даде, откако виде дека Го осудија, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините; велејќи: „Згрешив, зашто предадов невина крв.“ А тие му рекоа: „Што ни е нам? Гледај ти!“ Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде и се обеси. А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.“ Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив Грнчаревата Нива за гробишта за странци. Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија; кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израелевите синови, и ги дадоа за Грнчаревата Нива, како што ми нареди Господ.“ А кога Исус застана пред управителот, и управителот Го праша: „Ти ли си Јудејски цар?“ А Исус рече: „Ти велиш“. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ни-што. Тогаш Пилат Му рече: „Зар не слушаш што сѐ сведочат против Тебе?“ И не му одговори ниту на еден збор, така што управителот се чудеше многу. А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, кого што би го побарале. Тогаш имаа прочу-ен затвореник, кој се викаше Варава. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?“ Зашто зна-еше дека Го предадоа од завист. И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!“ Но првосвеште-ниците и старешините го нагово-рија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби. Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?“ А тие рекоа: „Варава!“ Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?“ Сите рекоа: „Да биде распнат!“ А тој рече: „Какво зло направил?“ А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!“ А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сѐ поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!“ И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!“ Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат. Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка; исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!“ И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат.