Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 24:29-51

Матеј 24:29-51 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат си­те земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните об­ла­ци, со голема слава и сила; и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Не­говите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“ „Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу ле­тото. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата. Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе минат, но збо­ровите Мои нема да минат.“ „А за тој ден и час никој не знае, ни­ту ангелите небесни, туку само Мојот Отец; но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се ма­жеа до оној ден кога Ное влезе во ков­че­гот, и не сфатија додека не дојде по­то­пот и истреби сѐ – така ќе биде и доа­ѓа­њето на Синот Човечки. Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде ос­та­вен; две жени ќе мелат со рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена. Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Гос­под. Знајте го и тоа: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде кра­де­цот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата. Затоа и вие треба да бидете подгот­вени, зашто Синот Човечки доаѓа во ча­сот кога не очекувате.“ „Кој е, пак, тој верен и мудар слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои да им дава навреме храна? Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така; вистина ви велам дека над целиот свој имот ќе го постави него. Ако, пак, тој слуга е лош и си рече во срцето свое: ‚Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘, па почне да ги тепа другарите свои и да јаде и пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува, и во час што не го знае; и ќе го исече на парчиња, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; та­му ќе биде плач и крцкање со заби.“

Матеј 24:29-51 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Веднаш по неволите во тие дни, ќе потемни Сонцето, Месечината ќе престане да свети, од небото ѕвезди ќе паѓаат и небесните сили ќе се разнишаат. Тогаш, конечно на небото ќе се појави знакот на Месијата, Синот Човечки; и ќе залелекаат сите народи на Земјата кога ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаците со моќ и величествена слава. Тој ќе ги испрати Своите ангели со громогласен звук од труба да ги соберат Неговите избраници од сите четири страни на светот, од едниот до другиот крај на светот.“ „Сфатете ја оваа споредба преку примерот со смоквата: штом ќе ђ се подмладат гранките и ќе пуштат лисје, знаете дека наближува летото. Така и вие, кога ќе видите дека сите овие случки што ви ги опишав се одвиваат, ќе знаете дека дошло времето и веќе е на прагот. Ве уверувам дека сите овие настани ќе се одиграат пред да изумре оваа генерација. Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат! А денот и часот на Христовото враќање никому не му се откриени, дури ни на ангелите на небото, ниту пак на Божјиот Син. Само небесниот Татко ги знае. Кога ќе дојде Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде како во времето на Ное. Имено, пред самиот потоп, луѓето јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа си до денот кога Ное влезе во бродот; и не сфатија што се случува, додека не дојде потопот и ги однесе сите. Така ќе биде и кога ќе се врати Синот Човечки. Во тој миг, од двајца што ќе работат на нива, едниот ќе биде земен на небото, а другиот оставен; од две жени што ќе мелат во мелница, едната ќе биде земена, а другата оставена. Значи, бидете подготвени, зашто не го знаете денот во кој вашиот Господ ќе се врати. Но да знаете дека, кога еден домаќин би знаел во кое време на ноќта ќе му дојде крадец, тој би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата! Значи, бидете духовно подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“ „Значи, за кој слуга може да се рече дека е мудар и верен? Тоа е оној слуга што добил задача од својот господар да ги надгледува сите други слуги и навреме да ги храни, и кој навистина си ја извршува задачата што му е доверена. Блазе си на таков слуга, кога ќе се врати неговиот господар! Ве уверувам дека нему ќе му го довери сиот свој имот! Но ако слугата е лош и си рече во себе: ,Мојот господар нема да се врати уште долго време!‘, и почне да ги тепа своите другари, и да јаде и пие со пијаници, тогаш неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, и ќе го казни најстрого, фрлајќи го меѓу оние кои само се преправале дека се искрени спрема господарот. Таму ќе има лелекање и крцкање со заби.“

Матеј 24:29-51 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“Веднаш по тагата на тие денови, сонцето ќе потемни; месечината нема да ја дава својата светлина; и ѕвездите ќе паѓаат од небото, и небесните сили ќе се расклатат. И тогаш ќе се јави на небото знакот на Човечкиот Син; и тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син, како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава. И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.“ “А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе го видите сѐ тоа, знајте дека е близу - пред вратата! Ви-стина ви велам, ова поколение нема да помине додека не се збидне сѐ тоа. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.“ “А за оној ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, а само Мојот Татко. Како во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓа-њето на Човечкиот Син. Зашто, како во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа, до денот кога Ное влезе во ковчегот, и не знаеја додека не дојде пото-пот и однесе сѐ, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син. Тогаш двајца ќе бидат на полето, еден ќе биде однесен, а другиот оставен. Две жени ќе мелат на мелница; едната ќе биде однесена, а другата оставена. Затоа, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде вашиот Господ! А знајте го ова: ако домаќинот би знаел во која ноќна стража ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му се поткопа куќата. Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, кога не мис-лите.“ И така, кој е оној верен и благоразумен слуга, кого господарот го поставил над слугите свои, за да им дава храна навреме? Блажен е оној слуга, кого неговиот господар - кога ќе дојде - ќе го најде да прави така. Вистина ви велам: ќе го постави над сиот свој имот. Ако пак оној зол слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар ќе се забави долго,‘ па почне да ги бие своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците, господарот на оној слуга ќе дојде во ден, кога не очекува, и во час, што не го знае, па ќе го пресече и ќе го стави меѓу лицемерите. Таму ќе биде плач и чкртање со заби.“