Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 24:1-28

Матеј 24:1-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот. А Исус им рече: „Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде ур­нат.“ И кога седеше во Маслиновата Гора, дојдоа кај Него учениците Негови на­са­мо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“ А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој; зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина. Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се крене народ против на­род, и царство против царство, и на раз­ни места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на страдањата. Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од си­те народи, заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се ум­но­жат, кај мнозина љубовта ќе олади. А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен. И ќе биде проповедано ова Еван­ге­лие за царството по целиот свет, за све­доштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“ „Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел – кој чи­та нека разбере, тогаш оние, што се наоѓаат во Ју­де­ја, нека бегаат по планините; кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, нека не се враќа до­ма за да ги земе алиштата свои! Но тешко на бремените и на доил­ките во тие дни! Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота; зашто тогаш ќе има страдања, как­ви што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе ги има. И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, ов­де е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувај­те! Зашто ќе се појават лажни месии и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните. Ете, однапред ви кажав. И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во тајна соба е‘ – не верувајте! Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“

Матеј 24:1-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус го напушташе храмот во Ерусалим и си заминуваше оттаму, Неговите ученици Му пријдоа и почнаа да Му ги покажуваат градбите на храмот. А Тој им рече: „Ги гледате ли сите овие градби? Ве уверувам дека од нив нема да остане камен врз камен, зашто ќе бидат разурнати!“ Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“ Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе. Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата!‘ и ќе измамат мнозина. Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот. Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места. Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“ „Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат. Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат. Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина. Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува си постудена. Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси. А Радосната вест за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“ „Значи, кога ќе видите дека богохулникот што пустоши се наместил на светото место за ова пишува пророкот Даниел, и секој читател треба да обрне внимание тогаш, оние што ќе се најдат во покраината Јудеја нека бегаат кон планините, тој што ќе се најде на покривот, да не слегува долу да земе нешто од покуќнината, а тој што е на нива, да не се враќа дома за да си го земе палтото! Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките! Молете Го Бога вашето бегство да не се случи зиме или во саботен ден! Зашто, тогаш ќе има такви маки, какви што немало од создавањето на светот досега, ниту пак ќе ги има во иднина. Да не беше предвидено скратување на тоа време, никој не би преживеал; но тоа време ќе се скрати, заради избраните од Бога.“ „Ако некој тогаш ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ не верувајте му! Зашто, ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе изведат големи знаци и чуда, обидувајќи се да ги измамат избраните од Бога, ако е можно. Еве, однапред ви кажав. Значи, ако ви речат: ,Ене Го Месијата во пустината!‘ не одете таму; или: ,Еве Го, се крие овде!‘ не верувајте им! Зашто, Синот Човечки ќе дојде како молскавица што ќе болсне на исток и веднаш ќе се види на запад! Каде што е мршата, таму ќе се соберат и мршојадците.“

Матеј 24:1-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Исус излезе од Храмот, одеше натаму; Неговите ученици Му се при-ближија за да Му ги покажат зградите на Храмот. А Тој им одго-вори: „Го гледате ли сето ова? Вистина ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, што не ќе биде урнат.“ Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите уче-ници дојдоа при Него насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на свршетокот на векот?“ И Исус одговори и им рече: „Гледајте да не ве заблуди некој; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас Сум Христос,“ и ќе заблудат мнозина. А ќе чуете за војни и гласови за војни. Пазете да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но уште не е крај. Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство; и ќе има глад, и помор, и земјотреси на разни места. Но сѐ тоа е само почеток на страдањата. Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат; и едниот ќе го предава другиот; и едниот ќе го мрази другиот; и ќе се јават многу лажни пророци и ќе заблудат мнозина. И заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина. А кој ќе издржи до крај, ќе биде спасен. И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот.“ “И така, кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето - за која зборува пророкот Даниел - како стои на своето место; кој чита - нека разбере! - Тогаш жителите на Јудеја нека бегаат по горите; а кој ќе биде на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа; и кој ќе биде во полето, нека не се враќа за да ја земе наметката! Горко им на бремените и на доилките во тие де-нови! Молете се вашето бегство да не биде во зима или во сабота, зашто тогаш ќе биде голема мака, каква не била од создавањето на светот досега, ниту ќе биде. И ако не би се скратиле тие дни, не би се спасило ниедно тело. Но заради избраните ќе бидат скратени тие дни.“ “Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму’- не верувајте, зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните. Ете, ви реков однапред! И така, ако ви речат: ‘Ене Го во пустината!’- не излегувајте! ‘Ене Го во една од внатрешните соби!’- не верувајте. Зашто, како што молњата изле-гува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син. Каде ќе биде трупот, таму орлите ќе се собираат!“