Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 23:1-39

Матеј 23:1-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа Исус им се обрати на луѓето и на Своите ученици: „Вероучителите и фарисеите се овластени да ве поучуваат од Мојсеевиот Закон. Затоа, извршувајте го и слушајте го она што тие го проповедаат; но не угледувајте се на нив, бидејќи тие не го практикуваат тоа што го проповедаат. Тие им товарат на луѓето тешки товари кои одвај можат да се носат, а самите ни со прст не помагаат. Си што прават тие, го прават за да се покажат пред луѓето: со себе носат дебели молитвеници, си пришиваат долги реси на своите мантии, ги сакаат почесните места на гозбите и челните места по храмовите; сакаат да бидат поздравувани на јавни места и нарекувани со почесни титули. А вие немојте да се нарекувате со почесни титули, бидејќи само Еден е Тој што заслужува почесна титула, а сите вие сте браќа. И на никого на Земјава не обрнувајте му се со „Оче“, зашто имате само еден Отец, а тоа е Бог на небото. Не треба да се нарекувате ни водачи, зашто имате само еден Водач, а тоа е Месијата. Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга, зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен.“ „Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие пред носот на луѓето им ги затворате вратите на небесното царство: ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние кои се обидуваат! (Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие ги искористувате вдовиците и ги ограбувате нивните домови, а потоа редите долги молитви! Затоа вие ќе бидете посурово казнети!) Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Океани и земји обиколувате за да придобиете еден следбеник, а кога ќе го придобиете го претворате во син на пеколот, двапати полош од вас! Тешко вам, слепи водачи, кои велите: ,Ако некој се заколне во Божјиот храм, тоа на ништо не го обврзува, но ако се заколне во црковното злато, тогаш, тоа го обврзува!‘ Безумници и слепци ниедни! Што е поважно: златото или храмот што го прави златото да биде свето!? И ова го велите: ,Ако некој се заколне во олтарот, тоа на ништо не го обврзува, а ако се заколне во жртвениот прилог на олтарот, тогаш, тоа го обврзува!‘ Слепци ниедни! Што е поважно: жртвениот прилог на олтарот или олтарот што го прави прилогот да биде свет!? Тој што се заколнува во олтарот, се заколнува во него и во си што е на него! Тој што се заколнува во храмот, се заколнува во него и во Бога Кој е присутен во него! Тој што се заколнува во небото, се заколнува во Божјиот престол и во Бога, Кој седи на него! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие давате десеток од зачините, како што се нането, копрата и кимот, а ги запоставувате најважните барања на Божјиот Закон: праведноста, милоста и верата! Да, десеток треба да давате, но не смеете да ги запоставувате најважните работи. Слепи водачи ниедни! Комарец цедите, а камила голтате! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Чашите и чиниите однадвор ги миете, а однатре се полни со она што сте го зеле преку грабеж и себично лакомство! Слеп фарисеју! Прво нека биде чисто тоа што е во чашата, па ќе ђ биде чиста и надворешноста! Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие сте како варосани гробови кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со коски на мртовци и со изгниени трупови! На луѓето им се прикажувате како праведници, а однатре сте полни со лицемерство и гревови!“ „Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведниците, и велите: ,Да живеевме во времето на нашите предци, ние немаше да соучествуваме во убивањето на пророците!‘ Така самите признавате дека сте им потомци на оние што ги убиваа пророците! Затоа, ајде, довршете го делото на вашите предци! Змии ниедни и змиски рожби! Како ќе ја избегнете пресудата за во пеколот!? Затоа, еве, испраќам меѓу вас пророци и мудри луѓе и вероучители, а вие некои од нив ќе убиете, на крст ќе ги распнете, а некои ќе ги камшикувате по синагогите и ќе ги прогонувате од еден град во друг. Така, врз вас ќе падне казната за сите невини жртви на Земјата, од убиството на праведниот Авел до убиството на Захарија, синот на Берекија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот! Ве уверувам дека казната за сите овие убиства ќе падне врз оваа генерација! Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати сакав да ги закрилам твоите жители како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, но вие не сакавте! Затоа, вашиот храм ќе ви се препушти вам и ќе запусти. Ви кажувам дека отсега нема да Ме видите си додека не речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ!‘“

Матеј 23:1-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои, говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сѐ што ќе ви кажат пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, зашто тие говорат, но не извршуваат; врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на лу­ѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат. И сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги прошируваат своите записи и ги продолжуваат ресите на својата облека; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да ги ви­к­а­ат луѓето ‚Рави!‘ А вие немојте да се нарекувате ‚Ра­ви‘, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа. И никого на земјата не викајте го свој Татко, зашто еден е вашиот Татко – Оној Небесниот; и водачи немојте да се именувате, зашто еден е вашиот Водач – Христос. Но, најголемиот меѓу вас да ви биде слуга; зашто, кој се воздигнува, ќе биде по­ни­зен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.“ „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате цар­ството небесно пред луѓето; зашто, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат. (Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате до­мо­вите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.) Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го пра­ви­те син на пеколот, двапати полош од вас. Тешко вам, водачи слепи, кои ве­ли­те: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во злато на храмот, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот кој го осветува златото? Исто така велите: ‚Ако некој се за­колне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот? А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него; и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него; и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од на­не, копра и ким, а сте го оставиле нај­важното во Законот: праведноста, ми­лоста и верата; ова требаше да го пра­вите, а и она да не го оставате. Водачи слепи, вие комарецот го це­дите, а камилата ја проголтувате! Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и алчност. Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто многу личите на ва­ро­сани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија. Така и вие, однадвор им се по­ка­жу­вате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззако­ние.“ „Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните, па велите: ‚Да живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на проро­ци­те.‘ А со тоа сведочите сами против се­бе, дека сте синови на оние што ги уби­ле пророците. Дополнете ја и вие мерата на тат­ковците ваши! Змии и рожби аспидини, како ќе по­бегнете од пресудата за во пеколот? Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град; за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на За­харија, синот на Варахија, кого го убив­те меѓу храмот и жртвеникот. Вистина, ви велам: сето тоа ќе пад­не врз овој род!“ „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги за­си­пуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте. Ете, ви се остава пуст вашиот дом. Зашто ви велам: нема да Ме видите од сега додека не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘“

Матеј 23:1-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Исус му рече на на-родот и на Своите ученици; говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите, затоа сѐ што ќе ви речат - правете и пазете - но не постапувајте според нивните дела, зашто зборуваат, а не извршуваат! Туку врзуваат тешки и неподно-сливи бремиња и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат. А сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; затоа ги рашируваат своите молитвени записи и ги прават големи ресите на облеките; ги сакаат: челните места по гозбите и првите места во синаго-гите; поздравите на јавните места и луѓето да ги наречуваат ‘рави’. А вие не наречувајте се учители - зашто е Еден вашиот Учител - Христос, а вие сите сте браќа. И никого на земјата не наречувајте го свој ‘татко’, зашто е Еден вашиот небесен Татко. Ниту се наречувајте наставници, зашто е Еден вашиот Наставник - Христос. А поголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. Кој се воздига себеси - ќе биде понизен; а кој се понизува себеси - ќе биде возвишен.“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои го затворате Небесното царство пред луѓето; зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние, кои сакаат да влезат.“ “Горко вам, книж-ници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците, и заради причина се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ги обиколувате морето и копното, за да придобиете еден прозелит, и кога ќе стане тоа, го правите син на пеколот, двапати полош од себе!“ “Горко вам, слепи водачи, кои велите: ‘Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во црковното злато, тогаш е обврзан!’ Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или Храмот, што го осветува златото? И: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот, што е врз него, тогаш е обврзан.’ Слепци! Што е поголемо: дарот или жртве-никот, што го осветува дарот? И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него. И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној, Кој живее во него. И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној, Кој седи на него.“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава! Слепи водачи! Вие го цедите комарецот, а ја проголтувате камилата.“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре сте полни со грабеж и лакомост! Слепи фарисеју! Очи-сти ја најнапред внатрешноста на чашата, за да ѝ биде чиста и над-ворешноста!“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти приличите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистота! Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.“ “Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на пра-ведните, и велите: „Ако живее-вме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.“ Така сведочите за себе, дека сте синови на оние, кои ги убиле пророците. И вие ја дополнивте мерата на вашите татковци! Змии, змиски породи! како ќе побегнете од судот на пеколот? Затоа, еве, Јас ви праќам: пророци, и мудреци, и книжници. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги бичувате во вашите синагоги и ќе ги гоните од град до град, за да дојде врз вас сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот. Вистина ви велам, сето тоа ќе дојде врз ова поколение.“ “Ерусалиме! Ерусалиме, што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените при тебе! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилата, но не сакавте! Еве, ви се остава вашиот дом пуст! Зашто ви велам: отсега нема да Ме видите додека не речете: „Благословен е Оној, Кој доаѓа во Господово име!“