Матеј 22:15-21
Матеј 22:15-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор. И ги испраќаа кај Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, кои Му говореа: „Учителе, знаеме дека си правичен и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој; затоа кажи ни; што мислиш: треба ли да се дава данок на царот или не?“ Но Исус го проѕре лукавството нивно и рече: „Што Ме искушувате, лицемери? Покажете Ми една пара од данокот.“ Тие Му донесоа еден денариј. И им рече: „Чиј е овој лик и потпис?“ Тие одговорија: „На царот.“ Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“
Матеј 22:15-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш фарисеите се повлекоа и почнаа да се договараат како да го уловат Исус да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат. Испратија кај Него некои од своите ученици и од приврзаниците на Ирод, да Го прашаат: „Учителе, познато ни е дека Ти си справедлив и дека секогаш ја зборуваш вистината за Божјиот пат, без оглед на тоа што ќе мислат луѓето, зашто не гледаш кој е кој. Кажи ни, тогаш, според Тебе, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император или не?“ А Исус, знаејќи ја нивната подмолна намера, им рече: „Лицемери едни! Зошто сакате да Ми поставите стапица? Покажете ми една римска пара со која плаќате данок!“ Тие му подадоа една пара, а Тој ги праша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“
Матеј 22:15-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат на збор. И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: „Учителе, знаеме дека си вистински и дека во вистина ги учиш луѓето на Божјиот пат, и не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето. И така, речи ни, што мислиш Ти! Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?“ А Исус, го разбра нивното лукавство и рече: “Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете ми даночна монета!“ Тие Му донесоа денариј. 20 И им рече: „Чиј е овој лик и натписот?“ Му рекоа: „На ца-рот!“ Тогаш им рече: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“