Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 2:3-12

Матеј 2:3-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога го слушна ова, царот Ирод се вознемири, а со него и целиот Ерусалим. Тој ги повика сите поглавари меѓу свештениците и сите вероучители меѓу народот, за да ги праша, каде треба да се роди Месијата. Тие му одговорија: „Во градот Витлеем, кој се наоѓа во покраината Јудеја; зашто, еве како запишал пророкот Михеј: Ти Витлееме, во јудејската земја, по ништо не заостануваш зад водечките градови во Јудеја, зашто од тебе ќе произлезе Водач Кој ќе му биде Пастир на мојот народ Израел.‘“ Тогаш Ирод скришно ги повика мудреците и од нив го дозна точното време кога се појавила ѕвездата. Потоа ги испрати за Витлеем, порачувајќи им вака: „Одете и подробно распрашајте се за Детето; штом ќе го најдете, јавете ми да појдам и јас да Му се поклонам.“ Откако го ислушаа царот, тие тргнаа на пат. И ете, ѕвездата што ја беа виделе на Исток одново се појави и ги водеше си до местото каде што се наоѓаше Детето. Кога видоа дека ѕвездата запре, тие бликнаа од радост! Влегувајќи во куќата, Го видоа Детето и мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа, ги отворија своите ковчежиња и Го даруваа со злато, со ливан и со смирна. Потоа тие си заминаа за својата земја по друг пат, откако Бог насон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод.

Матеј 2:3-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Штом го чу тоа, царот Ирод се воз­немири и цел Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници од народот, ги праша: „Каде треба да се роди Христос?“ А тие му одговорија: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: ‚И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израел.‘“ Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив за времето кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, им ре­че: „Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да одам и јас да Му се поклонам.“ Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие се за­радуваа со многу голема радост. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отво­рија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И откако примија предупредување на сон, не се вратија веќе кај Ирод, туку си заминаа по друг пат за својата земја.

Матеј 2:3-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него. И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос. А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така: ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’ Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата, и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.“ Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето. И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост. И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна. И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја.