Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 2:1-18

Матеј 2:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Исус се роди во градот Витлеем, во покраината Јудеја, во времето кога таму владееше царот Ирод. Тогаш во Ерусалим допатуваа неколку мудреци од некоја источна земја и почнаа да се распрашуваат: „Каде е новородениот јудејски Цар? Видовме кога на исток се појави Неговата ѕвезда и дојдовме да Му се поклониме.“ Кога го слушна ова, царот Ирод се вознемири, а со него и целиот Ерусалим. Тој ги повика сите поглавари меѓу свештениците и сите вероучители меѓу народот, за да ги праша, каде треба да се роди Месијата. Тие му одговорија: „Во градот Витлеем, кој се наоѓа во покраината Јудеја; зашто, еве како запишал пророкот Михеј: Ти Витлееме, во јудејската земја, по ништо не заостануваш зад водечките градови во Јудеја, зашто од тебе ќе произлезе Водач Кој ќе му биде Пастир на мојот народ Израел.‘“ Тогаш Ирод скришно ги повика мудреците и од нив го дозна точното време кога се појавила ѕвездата. Потоа ги испрати за Витлеем, порачувајќи им вака: „Одете и подробно распрашајте се за Детето; штом ќе го најдете, јавете ми да појдам и јас да Му се поклонам.“ Откако го ислушаа царот, тие тргнаа на пат. И ете, ѕвездата што ја беа виделе на Исток одново се појави и ги водеше си до местото каде што се наоѓаше Детето. Кога видоа дека ѕвездата запре, тие бликнаа од радост! Влегувајќи во куќата, Го видоа Детето и мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа, ги отворија своите ковчежиња и Го даруваа со злато, со ливан и со смирна. Потоа тие си заминаа за својата земја по друг пат, откако Бог насон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод. По заминувањето на мудреците, на Јосиф му се јави насон ангел Господов и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и бегај во Египет; остани таму додека не ти се јавам, зашто Ирод ќе го бара Детето за да Го убие.“ Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му Марија и ноќта заминаа за Египет. И останаа таму си до смртта на Ирод. Со ова се исполнуваше претскажаното од Бог преку пророкот Осија: „Од Египет го повикав Мојот Син.“ Ирод збесна кога сфати дека мудреците го надитрија и нареди во Витлеем и во неговата околина да бидат убиени сите машки деца до двегодишна возраст согласно со времето што го беше дознал од мудреците. Со ова се исполнуваше претскажаното од пророкот Еремија: „Пискотници се слушаат во Рама, плач и тажни лелеци; Рахела плаче по своите деца и не сака да се утеши, зашто нив повеќе ги нема.“

Матеј 2:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога се роди Исус во Витлеем Јудеј­ски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од исток и рекоа: „Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме.“ Штом го чу тоа, царот Ирод се воз­немири и цел Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници од народот, ги праша: „Каде треба да се роди Христос?“ А тие му одговорија: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: ‚И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израел.‘“ Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив за времето кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, им ре­че: „Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да одам и јас да Му се поклонам.“ Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие се за­радуваа со многу голема радост. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отво­рија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И откако примија предупредување на сон, не се вратија веќе кај Ирод, туку си заминаа по друг пат за својата земја. А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф на сон, ве­лејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го по­губи.“ И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму остана до смртта на Ирод, за да се исполни реченото од Господ преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Свој.“ Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го надитрија, се разгневи многу и испрати да ги погубат сите машки но­во­роденчиња во Витлеем и по целата не­гова околина од двегодишна возраст и помали, според времето што точно го беше дознал од мудреците. Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Еремија, кој говори: „Глас се слуша во Рама, плач и ри­дање, и пискот голем: Рахила ги оп­ла­кува своите чеда и не сака да се утеши, зашто ги нема.“

Матеј 2:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим, и рекоа: „Каде е Тој кој се родил, Царот на Јудејците? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.“ Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него. И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос. А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така: ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’ Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата, и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.“ Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето. И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост. И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна. И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја. А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.“ И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет; и таму беше до Иродо-вата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.“ Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се раз-гневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците. Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече: “Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност