Матеј 19:16-26
Матеј 19:16-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Еднаш, кај Исус дојде еден млад човек и го праша: „Добар Учителе, какви добри дела треба да направам за да се здобијам со вечен живот?“ А Исус му одговори: „Зошто ме прашуваш во врска со доброто? Има само Еден што е добар а тоа е Бог. Ако сакаш да добиеш вечен живот, придржувај се кон Божјите заповеди.“ „Кои заповеди?“ го праша човекот, на што Исус му одговори: „Не убивај, не врши прељуба, не кради, не обвинувај лажно; почитувај ги татка си и мајка си и сакај ги своите ближни како себеси.“ Во одговор, младиот човек рече: „Кон сето тоа се придржував; што треба уште да направам?“ Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, тогаш оди и продај си што имаш и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатство на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ Кога го чу ова, младиот човек си замина разочаран, бидејќи поседуваше голем имот. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Навистина, на богатите ќе им биде многу тешко да влезат во небесното царство. Ве уверувам дека полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во небесното царство!“ Слушајќи го ова, учениците се зачудија и Го прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ Исус го впери погледот во нив и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“
Матеј 19:16-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“ А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Само Еден е добар. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“ Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај ги татка си и мајка си; сакај го ближниот свој како себеси!“ Младиот човек Му рече: „Сето тоа сум го запазил уште од детството; што ми е уште потребно?“ Исус му кажа: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“ Штом ги чу младиот човек овие зборови, си отиде нажален, бидејќи имаше голем имот. А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“ Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“
Матеј 19:16-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ете, еден Му пристапи и рече: „Учителе добар, какво добро да направам, за да имам вечен живот?“ А Тој му рече: „Зошто Ме прашуваш за добро? Еден е Добар! А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите!“ Му рече: „Кои?“ А Исус рече: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си и љуби го својот ближен како себеси!“ Момчето Му рече: „Сето тоа сум го пазел од младост, уште што ми недостига?“ Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им на сиромасите, и ќе имаш благо на небото! Дојди и следи Ме!“ А кога момчето го чу тој збор, си отиде нажален, зашто имаше многу имоти. А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам: богат мачно ќе влезе во небесното царство!“ И пак ви велам: „Полесно ѝ е на камилата да помине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во Божјото Царство.“ Кога учени-ците го чуја тоа се зачудија мошне и рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?“ Исус ги погледна и им рече: „На луѓето ова им е невозможно, но за Бога сѐ е возможно.“