Матеј 17:14-20
Матеј 17:14-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Кога се вратија меѓу народот, на Исус Му пријде еден човек, клекна на колена, и Му рече: „Господе, имај милост за син ми, зашто добива епилептични напади и многу се мачи; честопати паѓа де во оган де во вода. Го носев кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус, во одговор рече: „О, тврдоглав и неверен народе! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам? Донесете Ми го момчето!“ Потоа со заповед го избрка демонскиот дух од него и во истиот миг момчето оздраве. Подоцна Му пријдоа насамо Неговите ученици и Го прашаа: „Зошто не можевме ние да го избркаме демонскиот дух?“ „Бидејќи немате доволно вера“ им одговори Исус. „Зашто, ве уверувам, дека, кога би имале вера само колку едно синапово зрнце, би можеле да ђ речете на оваа планина: ,Премести се одовде таму!‘ и таа ќе се премести. И ништо не би ви било неможно.“
Матеј 17:14-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го напаѓа зол дух и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“ А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“ И му нареди Исус на демонот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час. Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?“ А Исус им рече: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.
Матеј 17:14-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече: “Госпо-ди, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата. И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.“ И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.“ И Исус го прекори, и излезе демонот од него, и момчето беше исцелено од тој час. Тогаш учениците дојдоа при Исуса наса-мо и рекоа: „Зошто не можевме ние да го изгониме?“ А Тој им рече: „Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа гора: ‘Преме-сти се оттука таму!’, и ќе се премести, и ништо нема да ви биде невозможно.