Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 16:21-28

Матеј 16:21-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Оттогаш Исус почна отворено да им кажува на Своите ученици дека Тој ќе мора да оди во Ерусалим и дека таму ќе претрпи многу од старешините, од високото свештенство и од вероучителите, и дека ќе биде убиен, но по три дни ќе воскресне. Петар, пак, го тргна настрана и почна да го одвратува, велејќи: „Никако, Господе! Тоа не смее да се случи со Тебе!“ А Исус му се заврте и му рече: „Бегај од Мене, Сатано! Се обидуваш да Ми го попречиш патот; зашто тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“ Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. Зашто, секој што сака да си го чува животот само за себе ќе го загуби; а кој ќе го даде животот за Мене пак ќе си го најде. А каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа? Кога Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели, тогаш ќе му платам на секого според неговите дела. Ве уверувам дека меѓу вас има некои кои нема да умрат додека не Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам во Своето царство!“

Матеј 16:21-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Оттогаш почна Исус на Своите уче­ници да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар Го повлече настрана, поч­на да Му говори, зборувајќи: „Биди ми­лостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“ Но Тој се заврте и му рече на Пе­тар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“ Тогаш Исус им рече на учениците Свои: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи; зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде: зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој спо­ред делата негови. Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во царството Свое.“

Матеј 16:21-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Оттогаш Исус почна да им покажува на Своите ученици, дека беше потребно за Него да замине за Ерусалим и да пострада многу од старешините, главните свеште-ници и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар Го зеде настрана и почна да Го кори, велејќи: „Бог да е милостив кон Тебе, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!“ А Тој се сврте и му рече на Петра: „Бегај зад Мене, сатано! Ти си Ми пречка, зашто мислиш не за она, што е Божјо, туку за она, што е човечко. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека Ме следи. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја изгуби; но кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде. Зашто, каква полза ќе има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа ѝ напакости? Или што ќе даде човек во замена за својата душа? Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели, и тогаш ќе му даде награда на секого според неговите дела. Вистина ви велам: дека меѓу оние, кои стојат тука, има некои, кои никако нема да ја вкусат смртта додека Го видат Синот Човечки да доаѓа во Своето царство.“