Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 15:21-39

Матеј 15:21-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон. Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“ Но Исус воопшто не ђ одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни ђ ја молбата, да не вика по нас!“ Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“ А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“ Но Исус ђ одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“ Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“ На ова, Исус ђ одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена. Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог. Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“ Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата. Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан.

Матеј 15:21-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска. И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, ве­лејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“ Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Не­гови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“ А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на до­мот израелски.“ Но таа, кога пристапи, Му се поклони и велеше: „Господи, помогни ми!“ Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“ Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“ Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти би­де по желбата твоја!“ И во тој час оз­драве ќерката нејзина. Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму. И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, фа­те­ни и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели, така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израелов. А Исус, кога ги повика учениците Свои, рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по па­тот.“ Но учениците Негови Му рекоа: „Каде ќе земеме толку леб во пустинава за да нахраниме толку народ?“ Исус ги праша: „Колку лебови има­те?“ А тие одговорија: „Седум и не­кол­ку риби.“ Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата. И земајќи ги седумте лебови и ри­би­те, благодари, ги прекрши и им ги да­де на учениците Свои, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња: седум полни кош­ни­ци. А оние што јадеа беа четири илјади мажи, покрај жените и децата. Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во Маг­дал­ските предели.

Матеј 15:21-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И откако излезе оттаму, Исус се повлече во краевите на Тир и Сидон. И ете, жена Хананејка, излезе од оние краишта и извика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка е лошо опседната од демон.“ Но Тој не ѝ одговори ни збор. И приближувајќи Му се, Неговите ученици Го молеа, велејќи: „Отпу-шти ја, зашто вика по нас.“ Но Тој одговори и рече: „Јас не Сум испратен, освен при загубените овци на домот Израелев.“ Таа дојде пак и Му се поклонуваше, велејќи: „Господи, помогни ми!“ А Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кучињата.“ Но Таа рече: „Да, Господи, но дури и кучињата јадат од трош-ките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.“ Тогаш Исус ѝ одговори и ѝ рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по твојата желба. И нејзината ќерка беше исцелена од оној час. И откако замина оттаму, Исус дојде покрај морето Галилејско, се искачи на гората и седна таму. И дојдоа при Него големи мноштва, кои имаа со себе: хроми, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред Исусовите нозе, и Тој ги исцели, така што мно-штвата се восхитуваа како гледаа немите да зборуваат, сакатите здрави, хромите да одат и слепите да гледаат; и Го прославуваа Бога Израелев. А Исус ги повика Своите ученици при Себе, и рече: „Исполнет Сум со сожалување кон мноштвото, зашто веќе три дни останаа со Мене и немаат што да јадат; а не сакам да ги распуштам гладни, за да не премалеат по патот.“ И учениците Негови Му рекоа: „Откаде ни во пустината толку леб, за да наситиме толку големо мноштво?“ И Исус им рече: „Колку лебови имате?“ Тие рекоа: „Седум и неколку рипчиња.“ И му заповеда на мноштвото да поседне по земјата; ги зеде седумте лебови и рибите, благодари и ги раскрши; и им даде на учениците, а учениците на мно-штвото. И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, седум кошеви полни. А оние, кои јадеа, беа четири илјади мажи, освен жените и децата И штом ги распушти мноштвата, влезе во коработ, и дојде во пределите на Магдала.