Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 10:1-23

Матеј 10:1-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања. Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон познат и како Петар и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков синот на Завдај, и брат му Јован; Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков синот на Алфеј; Тадија, хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса. Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата! Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“ „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби. Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите. Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот. А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час. Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие. Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт. Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај! А штом почнат да ве прогонуваат од еден град, вие одете во друг. Ве уверувам дека нема да втасате да ја завршите работата по сите градови во Израел, додека да се вратам Јас, Синот Човечки.

Матеј 10:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога ги повика Своите два­наесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква не­моќ. А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар и Андреј братот негов; Јаков Заведеев и Јован, братот негов; Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, цариник, Јаков Алфеев и Ле­виј, наречен Тадеј; Симон Хананеец и Јуда Искариот, кој и Го предаде. Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очисту­вај­те, мртви воскреснувајте, демони из­гонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Не носете во појасите ваши ни зла­то, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работни­кот ја заслужува својата награда! А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си одите. И кога ќе влезете во некоја куќа, поз­дравете ја говорејќи: ‚Нека има мир во таа куќа!‘ И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши! Вистина ви велам: полесно ќе ѝ би­де на земјата содомска и гоморска во судниот ден отколку на тој град!“ „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и не­злобни како гулаби. Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предаваат на судовите и по синагоги­те нивни ќе ве тепаат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците. Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете. Бидејќи не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори во вас. И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат; и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен. Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите израелските градови додека дојде Синот Човечки.

Матеј 10:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И ги повика Своите дванаесет ученици при Себе, и им даде власт над нечистите духови да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква слабост. А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј, па Јаков Заведеев и брат му Јован, Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. А кога ќе влезете во домот, поздравете го. И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе. Вистина ви велам, полесно ќе ѝ биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.“ “Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби. Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги. Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете; зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас. А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.“