Матеј 1:20-25
Матеј 1:20-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Но токму кога науми да го стори тоа, насон му се јави ангел Господов и му рече: „Јосифе, чедо Давидово, не плаши се да ја земеш Марија за жена, зашто Детето зачнато во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син на кој ќе Му дадеш име Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови.“ А сето ова се случи за да се исполни она што Господ го беше кажал преку пророкот Исаија: „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син; и ќе го наречат Имануел, што во превод значи ,Бог е со нас.‘“ Кога стана од спиење, Јосиф постапи така како што му беше наредил ангелот Господов, и ја зеде Марија за своја жена. Но Јосиф ја запази Марија како девица, си додека таа не роди Син, на кој тој Му даде име Исус.
Матеј 1:20-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави на сон и рече: „Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.“ А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели: „И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!“ Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја зеде својата жена. И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот Син и Го нарече Исус.
Матеј 1:20-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Но штом го намисли тоа, ете, Господов ангел му се јави на сон и му рече: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син и ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од нивните гревови.“ А сето тоа стана за да се исполни она, што Господ го рече преку пророкот, кој вели: “Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануел, кое преведено значи: „Бог со нас!“ А кога Јосиф се разбуди од сонот, направи како што му заповеда Господовиот ангел, ја зеде својата жена. И не ја позна, додека таа не Го роди нејзиниот Син, Првородениот; и тој Го нарече Исус.