Матеј 1:18-23
Матеј 1:18-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А раѓањето на Исус Христос стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосиф, уште пред да заживеат во заедница, се виде дека е тешка од Светиот Дух. А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи беше праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја напушти. Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави на сон и рече: „Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.“ А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели: „И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!“
Матеј 1:18-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А еве како се случи раѓањето на Исус, Месијата: Неговата мајка Марија беше свршена за Јосиф; но, уште додека таа беше девица, преку Светиот Дух во нејзината утроба се зачна дете. Тогаш нејзиниот свршеник Јосиф, кој беше праведен човек и не сакаше јавно да ја посрами, реши во тајност да ја остави. Но токму кога науми да го стори тоа, насон му се јави ангел Господов и му рече: „Јосифе, чедо Давидово, не плаши се да ја земеш Марија за жена, зашто Детето зачнато во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син на кој ќе Му дадеш име Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови.“ А сето ова се случи за да се исполни она што Господ го беше кажал преку пророкот Исаија: „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син; и ќе го наречат Имануел, што во превод значи ,Бог е со нас.‘“
Матеј 1:18-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А раѓањето на Исуса Христа стана вака: кога Неговата мајка Марија беше свршена за Јосифа, пред да се состанат, се најде забременета од Светиот Дух. А нејзиниот маж Јосиф, бидејќи беше праведен и не сакаше јавно да ја засрами, намисли да ја остави тајно. Но штом го намисли тоа, ете, Господов ангел му се јави на сон и му рече: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син и ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од нивните гревови.“ А сето тоа стана за да се исполни она, што Господ го рече преку пророкот, кој вели: “Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануел, кое преведено значи: „Бог со нас!“