Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 9:21-27

Лука 9:21-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа, велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книж­ниците и дека ќе биде убиен, и де­ка на третиот ден ќе воскресне. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи! Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби жи­вотот свој заради Мене, тој ќе го спаси. Зашто, каква му е ползата на чо­ве­ка, ако го добие целиот свет, а себе са­миот се изгуби или си направи штета? Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ан­ге­ли. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“

Лука 9:21-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому. Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки, мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден. Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки. Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси. Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти? Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели. Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“

Лука 9:21-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Тој строго им заповеда, никому да не го кажуваат тоа; велејќи дека Човечкиот Син треба да пострада многу; да биде отфрлен од старе-шините, свештеничките главатари и книжниците; да биде убиен и да воскресне на третиот ден. И на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст секој ден, и нека Ме следи! Зашто, кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја изгуби; а кој ја изгуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси. Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се изгуби или се упропасти? Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во Својата слава, и во славата на Таткото и на светите ангели. И вистина ви велам, има некои меѓу овие, што стојат тука, кои нема да ја вкусат смртта, додека не го видат Божјото Царство.“