Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 9:18-36

Лука 9:18-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еднаш, кога Исус се молеше сам, а само учениците Негови беа со Него, Тој ги праша: „За кого Ме смета народот?“ Тие одговорија и рекоа: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а не­кои, пак, дека воскреснал еден од ста­ри­те пророци.“ Тој им рече: „А вие, за кого Ме сме­тате?“ Петар одговори и рече: „За Христос Божји.“ И Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа, велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книж­ниците и дека ќе биде убиен, и де­ка на третиот ден ќе воскресне. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи! Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби жи­вотот свој заради Мене, тој ќе го спаси. Зашто, каква му е ползата на чо­ве­ка, ако го добие целиот свет, а себе са­миот се изгуби или си направи штета? Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ан­ге­ли. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“ На осум дена по овие зборови, ги зе­де со Себе Петар, Јован и Јаков, и се ис­качи на гората да се помоли. И додека се молеше, изгледот на лицето Негово се промени, а облеката Му стана бела и светла. И ете, двајца луѓе разговараа со Не­го; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се појавија во слава, тие зборуваа за Неговото заминување, кое требаше да заврши во Ерусалим. А Петар и неговите другари ги бе­ше совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него. И кога се разделуваа од Него, Пе­тар без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме ов­де; да направиме три колиби: за Тебе една, за Мојсеј една, и за Илија една!“ Додека го велеше тоа, се појави об­лак и фрли сенка врз нив; и се уплашија штом влегоа во облакот. И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него по­слушајте Го!“ А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тоа време за она што беа виделе.

Лука 9:18-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“ Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“ „А за Кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти Си Месијата испратен од Бог!“ Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому. Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки, мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден. Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки. Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси. Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти? Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели. Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“ По околу една седмица откако ги изговори овие зборови, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и се искачи на планината, за да се моли. Додека се молеше, лицето Му се преобрази и облеката Му стана блескаво бела. Наеднаш, во Негова придружба се најдоа двајца мажи кои разговараа со Него. Тоа беа Мојсеј и пророкот Илија. Нивниот изглед беше величествен и тие разговараа со Исус за смртта што Го очекуваше во Ерусалим. Петар и неговите другари ги беше совладал сон, но кога се разбудија Го видоа Исуса во величествен изглед, како и двајцата што стоеја со Него. Додека Мојсеј и Илија се разделуваа од Исус, Петар проговори, во отсуство на присебност: „Господару! Колку ни е убаво овде! Ајде да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија!“ Додека го изговараше ова, надојде облак и ги покри. Кога се најдоа во облакот, учениците многу се исплашија, а од облакот се чу глас, кој рече: „Ова е Мојот Син, Избраникот Мој; Него слушајте Го!“ Кога се чу гласот, Исус веќе беше останал Сам. Учениците молчеа за ова и во тоа време никому не му кажуваа за тоа што го беа виделе.

Лука 9:18-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога еднаш се молеше сам, а учениците беа со Него, ги праша: „Што вели народот, Кој Сум Јас?“ Тие пак одговорија: „Едни велат - Јован Крстител, други - Илија, а трети - дека воскреснал некој од старите пророци.“ Тогаш им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?“ Петар во одговор рече: „Христос Божји!“ А Тој строго им заповеда, никому да не го кажуваат тоа; велејќи дека Човечкиот Син треба да пострада многу; да биде отфрлен од старе-шините, свештеничките главатари и книжниците; да биде убиен и да воскресне на третиот ден. И на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст секој ден, и нека Ме следи! Зашто, кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја изгуби; а кој ја изгуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси. Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се изгуби или се упропасти? Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во Својата слава, и во славата на Таткото и на светите ангели. И вистина ви велам, има некои меѓу овие, што стојат тука, кои нема да ја вкусат смртта, додека не го видат Божјото Царство.“ И на околу осум дена по овие зборови, ги зеде со себе Петра, Јована и Јакова и се искачи на гората да се моли. И додека се молеше Неговото лице се измени, а облеката Му стана бела и сјајна. И ете, два човека разговараа со Него; тоа беа Мојсеј и Илија, кои се јавија во слава и говореа за Неговиот излез, што требаше да го заврши во Ерусалим. А сонот ги совлада Петра и неговите другари. А кога се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи, кои стоеја со Него. И кога тие се разделуваа од Него - Петар Му рече на Исуса: „Учителе, добро е да сме тука; ќе направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј, еден за Илија“ - не знаејќи што зборува. И додека тој уште го зборуваше тоа, дојде облак и ги засени и се исплашија, кога влегоа во облакот. А од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот Син, Мојот Избраник! Слушајте Го Него!“ Кога гласот екна, Исус се најде Сам. Тие пак молчеа и никому ништо не кажуваа во тие дни, за она што видоа.