Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 8:40-56

Лука 8:40-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа. И ете, дојде еден човек, по име Ја­ир, кој беше управник на синагогата. Тој падна пред нозете Исусови, и Го мо­леше да појде во домот негов, зашто имаше една единствена ќер­ка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него. И една жена, која страдаше дванаесет години од крвавење, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвавењето. И рече Исус: „Кој се допре до Ме­не?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му ре­че Петар и оние што беа со Него „Учи­теле, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“ Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“ Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела. А Тој ѝ рече: „Не бој се, ќерко, ве­ра­та твоја те спаси; оди си во мир!“ Додека Тој уште зборуваше, дојде некој откај началникот на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“ Но Исус, штом го слушна тоа, одговарајќи му рече: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена!“ А кога пристигна во куќата, никому не му дозволи да влезе, освен на Петар, Јован и Јаков, и на таткото и мајката на девојката. Сите плачеа и ридаа по неа. Но Тој им рече: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие.“ И Му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена. А Тој откако ги истера сите, ја фа­ти за рака и извика, велејќи: „Девојко, стани!“ И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде. И се зачудија родителите нејзини. А Тој им заповеда никому да не кажу­ваат за тоа што стана.

Лука 8:40-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога се врати, Исус беше топло поздравен од народот, зашто сите Го очекуваа. Му пристапи еден човек по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој се фрли пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде кај него дома, каде што неговата ќерка единица, на возраст од дванаесет години, лежеше на умирање. Додека Исус одеше таму, многуброен народ се туркаше околу Него од сите страни. Меѓу народот имаше и една жена која веќе дванаесет години боледувала од крвавење. Го потрошила сиот свој имот по лекари, но никој не можел да ја излекува. Таа се проби меѓу народот, се приближи зад Исус и го допре работ од Неговата облека. Крвавењето веднаш и запре. А Исус запраша: „Кој Ме допре?“ Никој не се јавуваше, па Петар рече: „Учителе, има многу луѓе околу Тебе и сите Те туркаат!“ Но Исус беше упорен, велејќи: „Некој намерно Ме допре, зашто почувствував кога излезе исцелителна сила од Мене!“ Кога жената виде дека ќе биде откриена, дојде целата растреперена, падна пред Исусовите нозе и пред сите кажа зошто се допрела и дека веднаш оздравела. Тогаш Исус и рече: „Оди си спокојно, ќерко. Твојата вера те исцели.“ Додека Исус го зборуваше ова, пристигна гласник од куќата на управникот на синагогата, Јаир, и му рече: „Ќерка ти почина. Не додевај Му повеќе на Учителот!“ Исус го чу тоа и му рече на управникот: „Не плаши се! Само верувај и таа ќе оздрави!“ Пристигнувајќи во куќата, Исус не дозволи никој да влезе со Него, освен Петар, Јаков, Јован и родителите на девојчето. Сите веќе плачеа и го оплакуваа девојчето, а Исус рече: „Не плачете! Девојчето не е мртво, туку спие!“ Тие Му се потсмеваа, зашто знаеја дека девојчето е мртво. Исус ја фати за рака и гласно извика: „Девојко, стани!“ Тогаш нејзиниот дух и се врати и таа веднаш стана, а Исус нареди да и дадат нешто да јаде. Нејзините родители останаа вчудовидени, а Исус им нареди никому да не кажуваат за ова што се случи.

Лука 8:40-56 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога се врати Исус, народот Го прими, зашто сите Го чекаа. И ете, дојде човек, по име Јаир, кој беше настојник на синагогата, и падна пред Исусовите нозе и Го замоли да влезе во Неговата куќа, зашто имаше единствена ќерка, на околу дванаесет години, и таа беше на умирање. И кога одеше, народот се туркаше околу Него. А една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение и која го потроши сиот свој имот по лекарите, а ниеден не можеше да ја излечи, Му пристапи одзади и се допре до работ на Неговата наметка, и веднаш ѝ прекрати нејзиното крвотечение. А Исус рече: „Кој се допре до Мене?“ А кога сите одречуваа, Петар рече: „Учителе, многу народ Те турка и притиска.“ Исус пак рече: „Некој се допре до Мене, зашто почу-вствував дека сила излезе од Мене.“ А штом жената виде дека не може да се сокрие, пристапи треперејќи, падна пред Него и кажа пред сиот народ, зошто се допрела до Него и како оздравела веднаш. А Тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те спаси; оди си со мир!“ Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од куќата на настој-никот и рече: „Ќерка ти умре, не измачувај Го повеќе Учителот!“ Штом Исус чу, му рече: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена.“ А кога дојде во куќата, не му дозволи никому да влезе со Него, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојчето. Сите плачеа и тажеа по неа. Тој пак им рече: „Не плачете, зашто не е умрена, туку спие!“ И Му се потсмевнуваа, зашто знаеја дека е умрена. А Тој ја фати нејзината рака и извика: „Дете, стани!“ И нејзе ѝ се врати духот, и стана веднаш, и Тој нареди да ѝ дадат да јаде. Нејзините родители се зачу-дија, а Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што се случило.