Лука 6:32-35
Лука 6:32-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И ако ги сакате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Зашто и грешниците го прават истото. И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.
Лука 6:32-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите.
Лука 6:32-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив. И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото. И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сѐвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите.