Лука 6:31-38
Лука 6:31-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! И ако ги сакате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Зашто и грешниците го прават истото. И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите. И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“ „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено; давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви дадат в пазуви; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“
Лука 6:31-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас! Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите. Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“ „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено! Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“
Лука 6:31-38 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним. И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив. И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото. И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сѐвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите. Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив. И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено! Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.“