Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 4:14-30

Лука 4:14-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш Исус се врати во Галилеја, исполнет со силата на Светиот Дух. Набргу Тој стана познат по целиот крај. Тој поучуваше по синагогите и сите Го фалеа. Потоа Исус се врати во Назарет, каде што беше пораснал и, како што имаше обичај, во саботата дојде во синагогата. Таму стана да чита од Светото Писмо. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано следново: „Врз Мене почива Духот на Господ, зашто Тој Ме назначи да им ја донесам Радосната вест на бедните, да им навестам ослободување на заробените, да им го вратам видот на слепите, да ги ослободам угнетените, да го прогласам времето на Господовата лагонаклоност.“ Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него, па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“ Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“ Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум. Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење. Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја, сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат, во Сидонската земја. Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“ Кога присутните во синагогата го слушнаа тоа, многу се разлутија; па станаа и Го исфрлија Исуса од градот и Го однесоа на врвот од ридот на кој се наоѓаше градот, со намера да Го турнат во бездна. Но Тој успеа да се спровре низ толпата народ и си отиде.

Лука 4:14-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И се врати Исус во Галилеја во си­лата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај. А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите го славеа. И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледува­ње, да ги пуштам на слобода напатени­те; да ја проповедам благопријатната година Господова!“ Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него. И почна да им говори: „Денес се ис­полни ова Писмо што го чувте.“ И сите Му потврдија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и ве­леа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“ А Тој им рече: „Некој од вас сигур­но ќе Ми приговори со оваа изрека: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“ Па им рече: „Вистина ви велам: ни­еден пророк не е омилен во својата тат­ковина. Навистина ви кажувам: имаше мно­гу вдовици во Израел, во времето на Или­ја, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја; и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај една жена вдовица во Сарепта Сидонска; и имаше мнозина лепрозни во Из­ра­ел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Си­ри­ецот Нееман.“ А кога го слушнаа тоа, сите во си­на­гогата се исполнија со гнев; па станаа, Го истераа надвор од гра­дот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но Тој помина меѓу нив и си отиде.

Лука 4:14-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И Исус се врати, во силата на Духот, во Галилеја и гласот за Него се разнесе по целата околина. А Тој поучуваше по нивните синагоги и сите Го прославуваа. И дојде во Назарет, каде што беше пораснал; влезе во саботен ден во синагогата, според Својот обичај, и стана да чита. Му го подадоа книжниот свиток на пророкот Исаија и го одвитка и го најде местото каде што беше напишано: “Господовиот Дух е на Мене, зашто Ме помаза и Ме испрати да им проповедам на бедните; да ги исцелам скрушените по срце, да им навестам на заробе-ниците, дека ќе бидат пуштени, на слепите дека ќе прогледаат; да ги пуштам на слобода напатените; и да ја навестам благопријатната Господова година.“ Го завитка свитокот, му го врати на службе-никот и седна, а очите на сите во синагогата беа свртени кон Него. И почна да им зборува: „Денес се исполни ова писмо, во вашите уши. И сите Му посведочија и им се восхитуваа на благодатните збо-рови, што излегуваа од Неговата уста. И велеа: „Не е ли Овој Синот Јосифов?“ И им рече: „Секако ќе ми ја кажете пословицава: ‘Лека-ре, излечи се сам!’ Направи и тука, во својот роден крај, сѐ што чувме дека си направил во Капернаум.“ Тогаш им рече: „Вистина ви велам, дека ниеден пророк не е примен во својата родина. Висти-на ви велам - имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и настана голема глад по целата земја; и при ниедна од нив не беше пратен Илија, а само при жената вдовица во Сидонската Сарепта. Исто имаше многу лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше очистен освен Сириецот Нааман.“ А кога го чуја тоа, сите во синагогата се наполнија со гнев и станаа, и Го истераа од градот, и Го одведоа до стрмнината, на која беше соѕидан нивниот град, за да Го фрлат долу. Но Тој помина меѓу нив и си отиде.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност