Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 3:1-22

Лука 3:1-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Беше петнаесеттата година од владеењето на римскиот император Тибериј; Понтиј Пилат беше гувернер над Јудеја, Ирод Антипа управуваше над Галилеја, а неговиот брат Филип - над покраините Итуреја и Трахонитис. Лисанија беше управник над Абилена, додека Анан и Кајафа беа врховни свештеници. Во тоа време Бог го повика Јован, синот на Захарија, кој живееше во пустината. Тогаш Јован го обиколи целиот предел крај реката Јордан, проповедајќи: “Покајте се и крстете се, за да ви се простат гревовите!“ На Јован Крстител се однесува пророштвото запишано во Книгата на пророкот Исаија: “Глас одекнува низ пустината, кој вели: Пригответе пат за доаѓањето на Господ, исправете го патот за Него! Секоја вдлабнатина да се исполни, секој врв и угорнина да се зарамнат; кривите патеки да се исправат, а нерамнините да се порамнат. Тогаш секој човек ќе го види спасението што ни го испраќа Бог!“ Многу луѓе доаѓаа да се крстат кај Јован, а тој им велеше: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од гневот што доаѓа!? Докажете на дело дека навистина се каете! Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да подигне Авраамови потомци! Божјата секира е веќе замавната и в корен ќе го пресече и в оган ќе го фрли секое дрво што не раѓа добар плод!“ Тогаш луѓето го прашуваа: „Што треба да правиме?“ А Јован им одговори: „Кој има две кошули, нека му даде една на оној што нема ниту една; и кој има храна, нека ја подели со другите.“ Дојдоа да се крстат и некои од собирачите на данок, прашувајќи: „Учителе, што треба ние да правиме?“ А тој им одговори: „Не земајте повеќе од она што е определено!“ Имаше и војници, кои го прашаа: „А што треба ние да правиме?“ Тој им одговори: „Не вршете насилства, не пријавувајте лажно никого и бидете задоволни со својата плата!“ Бидејќи народот беше во исчекување да се појави Божјиот Месија, се прашуваше да не е можеби Јован Месијата? Затоа, Јован им се обрати на сите: „Јас ве крштавам во вода, а по мене иде поголем од мене, толку голем што јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам. Тој ќе ве крсти огнено, во Светиот Дух. Тој ја има лопатата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во оган што не гасне.“ Вака, и на многу други начини, Јован им ја проповедаше Радосната вест на луѓето и ги поттикнуваше да се поправат. Јован јавно го прекоруваше и гувернерот Ирод, зашто тој беше ја зел Иродијада, жената на својот брат, а правеше и други злосторства, додавајќи кон нив уште едно со тоа што го фрли Јована в затвор. Еден ден, по крштавањето на сиот народ, се крсти и Исус. И додека Тој се молеше, се отвори небото, и Светиот Дух слезе во телесен облик, како гулаб. Се чу и глас од небото, кој рече: „Ти Си Мојот Син - Мојот Љубимец, со Кого наполно Сум задоволен!“

Лука 3:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во петнаесеттата година од вла­деењето на царот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод четворовласник над Галилеја, и Филип, брат му, четворовласник на покраината Итуреја и Трахонитида, и Лисаниј чет­воровласник на Авилинија, во времето на првосвештениците Ана и Кајафа, дојде Божјата реч до Јо­ван, синот на Захарија, во пустината. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крш­та­ва­ње за проштевање на гревовите, така како што е напишано во Кни­га­та, според зборовите на пророкот Иса­и­ја, кој вели: „Гласот на оној што вика во пустината: ‚Пригответе го Господовиот пат и исправете ги патеките Негови; секоја долина нека се исполни и се­која планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамни­те патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо!‘“ А на луѓето што доаѓаа кај него да ги крсти, им велеше: „Рожби змиини, кој ве научи да бегате од гневот што ќе дојде? Но створете плодови достојни за по­кајание и не почнувајте да зборувате во себе: ‚Авраам е нашиот татко!‘ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраам. Зашто веќе и секирата е поставена до коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.“ И го прашаа луѓето, велејќи: „То­гаш што треба да правиме?“ А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека ги подели со оној што нема ниту една; а кој има храна, нека го направи истото.“ Дојдоа и цариници да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да направи­ме?“ А тој им рече: „Не барајте повеќе отколку што ви е одредено.“ Го прашаа и некои војници, гово­реј­ќи: „А што да правиме ние?“ И им рече: „Врз никого не извршувајте насилство, никого не клеветете и бидете задоволни со вашите плати.“ А бидејќи народот беше во исчекување, па сите помислуваа во срцата свои за Јован, да не е тој Христос, Јован им одговараше на сите, ве­леј­ќи: „Јас ве крштавам со вода; но иде по­силен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обув­ките Негови: Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. Нему му е лопатата во раката Не­гова и Тој ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Сво­ја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.“ И опоменувајќи со уште многу дру­ги нешта, му ја објавуваше на народот радосната вест. А Ирод четворовласникот, укорен од него заради Иродијада, жената на брата му, и заради сите злодела што ги беше направил, кон сето тоа додаде и уште едно: го затвори Јован во темница. А кога се крсти сиот народ, се крс­ти и Исус, и додека се молеше, се отво­ри небото, и Светиот Дух слезе на Него во те­лесен облик, како гулаб, и се слушна глас од небото, кој велеше: „Ти си Мојот воз­љубен Син, Кој е по Мојата волја.“

Лука 3:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А во петнаесеттата година од владеењето на царот Тибериј, кога Понтие Пилат беше управител на Јудеја, и Ирод четворовласник на Галилеја, а неговиот брат Филип четворовласник на Итуреја и Трахонитида, а Лисание - четворовласник на Авилинија; при Ана и Кајафа, првосвештеници, Божјото слово дојде до Јована, синот Захариев, во пустината. И тој одеше по целата страна околу Јордан и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите, како што е напишано во книгата со зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Глас на еден, кој вика во пустината: ‘Пригответе пат за Господа, изра-мнете ги Неговите патеки! Нека се исполни секоја долина, и секоја гора и секое ритче нека се снизат; кривите ќе станат прави, а нерамните места нека бидат глатки! И секое тело ќе го види Божјото Спасение!’ На множеството пак, кое доаѓаше да биде крстено од него, му велеше: „Змиини породи! Кој ве предупреди од гневот што иде? Донесете плодови достојни за покајание и не зборувајте сега во себеси: ‘Го имаме Авраама за татко!’ Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да му издигне деца на Авраама. А и секирата веќе лежи при коренот на дрвјата. Затоа, секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.“ А народот го праша: „Тогаш, што да правиме?“ А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека му даде на оној кој нема; и кој има храна нека го прави истото!“ Дојдоа и цариниците да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да пра-виме ние?“ Тој им рече: „Не барајте ништо повеќе од она, што ви е определено!“ Го прашаа и војниците: „Што да правиме ние?“ И им рече: „Не измачувајте никого и не клеветете, и бидете задоволни со своите плати!“ А бидејќи луѓето беа во недоумица и сите размислуваа во своите срца за Јована - да не е тој Хри-стос, Јован им одговори на сите: „Јас ве крштавам во вода; но иде посилен од мене, Кому јас не сум достоен да го одврзам ременот на Неговите обувки; Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган. Во Неговата рака е лопатата, за да го очисти Своето гумно и за да ја собере пченицата во Својата житница; а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.“ И така му го проповедаше Евангелието на народот, напомнувајќи и многу други нешта. А четворовласникот Ирод, кого тој го укори заради Иродијада, сопругата на Филипа, брата му, и заради сите зли дела, што ги направил Ирод, кон сите нив го додаде уште ова: го затвори Јована во темница. Кога се крсти сиот народ - се крсти и Исус и кога се молеше - небото се отвори, и Светиот Дух слезе на Него, во телесен облик, како гулаб, и се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата милина.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност