Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 24:14-27

Лука 24:14-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И зборуваа меѓу себе за сите овие настани. И додека расправаа и разговараа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив; но очите им се замрежија за да не Го познаат. А Тој им рече: „Какви се тие збо­ро­ви што ги разменувате меѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?“ Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни?“ И го праша: „Што?“ Тие Му одгово­рија: „Она што се случи со Исус од На­зарет, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ; дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; а ние се надевавме дека е Тој Оној што треба да го избави Израел; но и по­крај сето тоа, денес е веќе трет ден, от­како се случи ова. А и некои жени од нашите нѐ запрепастија; тие биле рано на гробот, и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ан­ге­ли и дека им кажале дека е Тој жив. Отидоа на гробот и некои од на­шите и го најдоа истото она, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.“ Тогаш им рече: „О, безумни! Ср­це­то ви е споро за да поверувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“ Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо.

Лука 24:14-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Двајцата разговараа меѓу себе за сето ова што се случуваше. Додека разговараа за сe што се случи и размислуваа, до нив се приближи Исус и зачекори заедно со нив, но нивните очи не Го препознаа. Вклучувајќи се во разговорот, Исус ги праша: „За што разговарате по пат?“ Тие застанаа како скаменети, со тажни изрази на лицата. Едниот од нив, кој се викаше Клеопас, му рече: „Ти мора да си единствениот од сите дојдени во Ерусалим кој не знае што се случува деновиве!“ Тој ги запраша: „За што станува збор?“ Тие Му одговорија: „За она што Му се случи на Исус од Назарет! Тој беше пророк и се докажа како силен на зборови и на дела, како пред Бога така и пред луѓето. Но нашите свештенички поглавари и управниците Го уапсија и Го предадоа за да биде осуден на смрт и потоа Го распнаа. А ние се надевавме дека Тој е Месијата што ќе го ослободи Израел! Еве, веќе е трет ден откако тоа се случи. Некои жени од нашата група нe збунија; тие биле на гробот, но таму Го немало Неговото тело! Кога се вратија, тие ни кажаа дека им се појавиле ангели кои им рекле дека Исус е жив. Некои од нашите другари исто така отидоа кај гробницата и го виделе истото што го кажаа и жените, но Него не Го виделе.“ Тогаш Исус им рече: „Ах, колку тешко сфаќате и колку ви е тешко да верувате во сето она што го говореа пророците! Зар не беше јасно претскажано дека Месијата ќе настрада, пред да влезе во Својата слава?“ Потоа Исус почна да им објаснува сe што е претскажано за Него, со цитати од Светото Писмо, почнувајќи од Мојсеевите книги, па сe до книгите на пророците.

Лука 24:14-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

и разговараа меѓу себе за сите овие настани. И додека тие разговараа и се запра-шуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив. Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат. И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?“ И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?“ И им рече: „Што?“ А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ: како нашите свештенички глава-тари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа, А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова. А нѐ збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот, и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив. Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.“ И Тој им рече: „О неразумни и спори во срце, за да верувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?“ И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо.