Лука 24:13-35
Лука 24:13-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии. И зборуваа меѓу себе за сите овие настани. И додека расправаа и разговараа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив; но очите им се замрежија за да не Го познаат. А Тој им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате меѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?“ Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни?“ И го праша: „Што?“ Тие Му одговорија: „Она што се случи со Исус од Назарет, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ; дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; а ние се надевавме дека е Тој Оној што треба да го избави Израел; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако се случи ова. А и некои жени од нашите нѐ запрепастија; тие биле рано на гробот, и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале дека е Тој жив. Отидоа на гробот и некои од нашите и го најдоа истото она, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.“ Тогаш им рече: „О, безумни! Срцето ви е споро за да поверувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“ Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо. И тие се приближија до селото во кое одеа; а Тој се направи како да сака да продолжи. Но тие Го задржаа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!“ Тој влезе и остана со нив. А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде. Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Тој стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани Единаесетте и оние кои беа со нив, каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон. И тие кажаа за она што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.
Лука 24:13-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Истиот ден двајца од Исусовите ученици одеа кон селото Емаус, кое се наоѓаше на околу единаесет километри од Ерусалим. Двајцата разговараа меѓу себе за сето ова што се случуваше. Додека разговараа за сe што се случи и размислуваа, до нив се приближи Исус и зачекори заедно со нив, но нивните очи не Го препознаа. Вклучувајќи се во разговорот, Исус ги праша: „За што разговарате по пат?“ Тие застанаа како скаменети, со тажни изрази на лицата. Едниот од нив, кој се викаше Клеопас, му рече: „Ти мора да си единствениот од сите дојдени во Ерусалим кој не знае што се случува деновиве!“ Тој ги запраша: „За што станува збор?“ Тие Му одговорија: „За она што Му се случи на Исус од Назарет! Тој беше пророк и се докажа како силен на зборови и на дела, како пред Бога така и пред луѓето. Но нашите свештенички поглавари и управниците Го уапсија и Го предадоа за да биде осуден на смрт и потоа Го распнаа. А ние се надевавме дека Тој е Месијата што ќе го ослободи Израел! Еве, веќе е трет ден откако тоа се случи. Некои жени од нашата група нe збунија; тие биле на гробот, но таму Го немало Неговото тело! Кога се вратија, тие ни кажаа дека им се појавиле ангели кои им рекле дека Исус е жив. Некои од нашите другари исто така отидоа кај гробницата и го виделе истото што го кажаа и жените, но Него не Го виделе.“ Тогаш Исус им рече: „Ах, колку тешко сфаќате и колку ви е тешко да верувате во сето она што го говореа пророците! Зар не беше јасно претскажано дека Месијата ќе настрада, пред да влезе во Својата слава?“ Потоа Исус почна да им објаснува сe што е претскажано за Него, со цитати од Светото Писмо, почнувајќи од Мојсеевите книги, па сe до книгите на пророците. Кога се приближија до селото Емаус, кон кое беа тргнале, Исус се направи како да сака да си продолжи по патот, но тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот е веќе при крај и почнува да се стемнува.“ Така Тој влезе и остана со нив. Седејќи со нив на трпезата, Тој зеде леб, Му се заблагодари на Бог, па го раскрши и им го раздели. Тогаш очите им се отворија и тие Го познаа! Но во истиот миг Тој исчезна - стана невидлив за нивните очи! Тие си проговорија еден на друг: „Зар не ни се разгореа срцата уште по патот, кога Тој ни говореше и ни го објаснуваше Светото Писмо!?“ Тогаш тие веднаш станаа и се вратија во Ерусалим, каде што ги најдоа единаесеттемина ученици, собрани со своите пријатели, па им рекоа: „Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон Петар!“ Потоа почнаа да им раскажуваат за сето она што им се случи ним, на двајцата, на патот кон Емаус, и како Го препознаа кога Тој го раскрши лебот.
Лука 24:13-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа во едно село, наречено Емаус, оддалечено шеесет стадии од Ерусалим, и разговараа меѓу себе за сите овие настани. И додека тие разговараа и се запра-шуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив. Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат. И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?“ И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?“ И им рече: „Што?“ А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ: како нашите свештенички глава-тари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа, А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова. А нѐ збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот, и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив. Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.“ И Тој им рече: „О неразумни и спори во срце, за да верувате во сѐ што рекле пророците! Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?“ И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо. И кога се приближија до селото, во кое одеа, Тој се направи како да сака да оди натаму. Но, тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто вечерта е близу, а денот веќе превали!“ И влезе да остане со нив. И додека беше прилегнат со нив покрај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде. Тогаш им се отворија очите и Го препознаа; но Тој стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Не гореше ли срцето во нас, кога ни зборуваше патем и ни ги толкуваше Писмата?“ И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани Единаесетмината, и тие кои беа со нив, кои зборуваа: „Господ навис-тина воскресна; му се јавил на Симона!“ А тие пак раскажаа што се случило патем и како Го препознаа при раскршувањето на лебот.