Лука 24:1-7
Лука 24:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во неделата, уште во рани зори, жените дојдоа кај гробницата, носејќи ги мирисливите масла за премачкување на Исусовото тело, што самите ги беа приготвиле. Но ја најдоа гробницата отворена и гробната плоча иставена. Влегоа во гробницата, но таму го немаше телото на Господ Исус. Додека стоеја таму збунети, ненадејно пред нив се појавија двајца мажи во блескави облеки. Исплашени, жените се наведнаа кон земјата, кога тие им се обратија, велејќи им: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Тој не е овде! Воскресна! Сетете се што ви велеше уште додека беше во Галилеја: ,Синот Човечки ќе треба да биде предаден во рацете на грешници, кои ќе Го распнат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.‘
Лука 24:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси. Но ја најдоа плочата иставена на гробот. И кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус. И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки; тие се уплашија од страв и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Тој не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, додека беше уште во Галилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.“
Лука 24:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во првиот ден на седмицата, многу рано, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите, што ги приготвија. И го најдоа каменот одвален од гробот. И кога влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса. И додека стоеја збунети заради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки. Бидејќи беа уплашени ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Тој не е тука! Воскресна! Спомнете си како ви зборуваше, додека уште беше во Галилеја; говорејќи: ‘дека Човечкиот Син треба да би-де предаден во рацете на греш-ниците и да биде распнат и да воскресне на третиот ден!’