Лука 23:50-56
Лука 23:50-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А ете, се најде и човек по име Јосиф, член на советот, добар и праведен човек. Тој не ја одобри одлуката на советот и делата нивни. Беше од јудејскиот град Ариматеја. А и самиот го очекуваше царството Божјо. Па така тој отиде кај Пилат и го измоли телото Исусово; па Го симна и обви во платно, Го положи во гроб издлабен во камен, во кој уште никој не беше положен. Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше. По него одеа и жените, што беа дошле со Исус од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово. А потоа се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одмараа според заповедта.
Лука 23:50-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек, и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство. Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите. Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата. Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело. Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон.
Лука 23:50-56 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ете, некој човек по име Јосиф, кој беше советник, добар и праведен човек, тој не се согласи со нивната одлука и со нивното дело - од јудејскиот град Ариматеја - кој го очекуваше Божјото Царство, отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. И кога го симна, го обви во ленено платно и го положи во гроб, исечен во камен - во кој уште никој не беше положен. А беше ден на подготовката, и саботата настапуваше. По него одеа и жените, кои беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и како беше положено Неговото тело. Потоа се вратија и приготвија мириси и миро; а во саботата, почиваа, според заповедта.