Лука 23:26-56
Лука 23:26-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него. По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“ Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“ Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“ Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘ Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“ Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“ Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ Беше околу дванаесет часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот. Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината. Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре. Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник!“ Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост. Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа. Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек, и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство. Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите. Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата. Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело. Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон.
Лука 23:26-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го носи по Исус. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца; зашто, ете, се приближуваат деновите кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утробите што не родиле и на градите што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ридиштата, ‚покријте нѐ!‘ Зашто, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?“ Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка. А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и првосвештениците, велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“ Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие Му принесуваа оцет, и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!“ А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.“ Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себе Самиот и нас!“ А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Тој ништо лошо не направил.“ И Му рече на Исус: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час; и сонцето потемне, и завесата на храмот се расцепи преку средината. А Исус извика гласно и рече: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!“ И штом го рече тоа, издивна. Стотникот, пак, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: „Навистина Овој Човек бил праведник!“ И сиот народ што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше удирајќи се в гради. А сите Негови познати, и жените, што Го следеа од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа. А ете, се најде и човек по име Јосиф, член на советот, добар и праведен човек. Тој не ја одобри одлуката на советот и делата нивни. Беше од јудејскиот град Ариматеја. А и самиот го очекуваше царството Божјо. Па така тој отиде кај Пилат и го измоли телото Исусово; па Го симна и обви во платно, Го положи во гроб издлабен во камен, во кој уште никој не беше положен. Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше. По него одеа и жените, што беа дошле со Исус од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово. А потоа се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одмараа според заповедта.
Лука 23:26-56 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И кога Го поведоа, го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, па врз него го ставија крстот, за да го носи по Исуса. По Него одеше големо множество народ и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус се заврти кон нив и им рече: „Ерусалимски ќерки, не плачете за Мене; туку плачете за себеси и за своите деца! Зашто, ете, доаѓаат денови кога ќе се рече: ‘Блажени се неродилките! И утробите што не родиле и градите што не доеле!’ Тогаш ќе почнат да им зборуваат на горите: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нѐ!’ За-што, ако се прави вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото. А водеа и други двајца разбојници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, таму Го распнаа Него; и зло-чинците - едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Татко, прости им, оти не знаат што прават!“ Кога го делеа Неговото облекло, фрлија жрепка. Народот стоеше и гледаше. А старешините се ругаа, велејќи: „Други спаси! Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божји Избраник!“ Му се потсме-ваа и војниците, кои Му се приближуваа и Му даваа киселина; и велеа: „Ако си Јудејски Цар спаси се Самиот!“ А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Јудејскиот Цар.“ А еден од обесените разбојници Го хулеше: „Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!“ А другиот во одговор го укори: „Зар не се боиш од Бога, кога и ти си исто така осуден. И, ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото од тоа што сме сториле. Но, Овој не направил никакво зло.“ И рече: „Исусе, спомни си за мене, кога ќе дојдеш во Твоето Царство!“ А Тој му рече: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот.“ А беше веќе околу шестиот час, кога настана темнина по целата земја до деветтиот час, при што сонцето ја изгуби својата светлина, а завесата во Храмот се расцепи на средина. Тогаш Исус извика со силен глас: „Татко, Го предавам Својот дух во Твои раце.“ И кога го рече - издивна. А кога стотникот виде што се случи, почна да Го слави Бога, велејќи: „Навистина, Овој човек беше праведен!“ И сиот народ, што се беше собрал да го гледа ова, кога виде што стана, се враќаше дома, удирајќи се по градите. А сите Негови познати стоеја подалеку, и жените, кои дошле по Него од Галилеја - го гледаа тоа. И ете, некој човек по име Јосиф, кој беше советник, добар и праведен човек, тој не се согласи со нивната одлука и со нивното дело - од јудејскиот град Ариматеја - кој го очекуваше Божјото Царство, отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. И кога го симна, го обви во ленено платно и го положи во гроб, исечен во камен - во кој уште никој не беше положен. А беше ден на подготовката, и саботата настапуваше. По него одеа и жените, кои беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и како беше положено Неговото тело. Потоа се вратија и приготвија мириси и миро; а во саботата, почиваа, според заповедта.