Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 23:1-43

Лука 23:1-43 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат, па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“ Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“ Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“ Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“ Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим. Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо. Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше. Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус. Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат. На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници. Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот, и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате, ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна. Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“ (Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.) Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“ Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство. Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните, но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“ Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја. Пилат реши да го задоволи нивното барање. Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја. Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него. По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“ Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“ Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“ Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘ Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“ Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“ Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

Лука 23:1-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И сето мноштво се крена, па Го поведоа кај Пилат, и почнаа да Го обвинуваат, гово­реј­ќи: „Го најдовме Овој како го одвраќа народот наш и забранува да се дава да­нок на царот, и вели за Себе дека е Тој Христос и Цар.“ Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и му рече: „Ти велиш.“ Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Јас не наоѓам никава ви­на кај Овој Човек.“ Но тие и понатаму велеа дека Тој го побунува народот и поучува по це­ла Јудеја, почнувајќи од Галилеја па до овде. А Пилат, штом чу за Галилеја, за­праша: „Зар е Овој Човек Галилеец?“ И кога разбра дека е Тој од областа Иродова, Го испрати кај Ирод, кој во тоа време, исто така, беше во Еру­са­лим. Ирод, кога Го виде Исус, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него, и Му поставуваше многу прашања, но Тој ништо не одговори. А првосвештениците и книжниците стоеја и непрекинато Го обвинуваа. Ирод, пак, со војниците свои, от­ка­ко Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак кај Пилат. Во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, зашто порано беа скарани меѓу себе. Пилат ги повика прво­свеш­те­ни­ци­те, управниците и народот, па им рече: „Ми го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина во она, за што Го обвинувате; и Ирод исто така, зашто Го пратив и кај него; и ете, Тој не направил ништо што би заслужувало смрт; па затоа ќе го камшикувам и ќе Го пуш­там.“ А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник. Но сиот народ повика, говорејќи: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“ Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство. Пилат одново извика гласно дека сака да Го пушти Исус. Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни!“ Тој и по третпат им рече: „Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Не­го ништо што заслужува смрт; па затоа ќе Го камшикувам и ќе Го пуштам.“ Но сите постојано настојуваа со го­лем вик и бараа да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на прво­свеш­тениците. И Пилат одлучи да го исполни нив­ното барање, па им го пушти затвореникот кој бе­ше во темница заради бунт и убиство, оној за кого молеа; и Исус им го пре­да­де на нивната волја. И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го но­си по Исус. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за сво­и­те деца; зашто, ете, се приближуваат дено­вите кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утробите што не родиле и на градите што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ри­диштата, ‚покријте нѐ!‘ Зашто, кога ова го прават со зе­ле­ното дрво, што ќе биде тогаш со сувото?“ Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка. А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и прво­свештениците, велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“ Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие Му принесуваа оцет, и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!“ А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.“ Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себе Самиот и нас!“ А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според на­шите дела; но Тој ништо лошо не направил.“ И Му рече на Исус: „Сети се на ме­не, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

Лука 23:1-43 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш целото нивно множество стана и Го одведе при Пилата. И почнаа да Го обвинуваат, велејќи: „Го најдовме Овој, како го буни нашиот народ и забранува да се дава данок на ќесарот, а за Себе вели дека е Христос Цар.“ А Пилат Го запра-ша, велејќи: „Ти ли си Јудејски Цар?“ А Тој во одговор му рече: „Ти велиш.“ Тогаш Пилат им рече на свештеничките главатари и на народот: „Не наоѓам никаква вина на Овој Човек.“ Но тие уште поупорно велеа: „Тој го буни народот, зашто поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па дотука.“ А кога Пилат го чу тоа, праша дали е Тој Човек Галилеец. И кога научи дека е од Иродовата област, Го испрати при Ирода, кој во тие денови - исто така - беше во Ерусалим. А кога Ирод Го виде Исуса, се зарадува многу, дека одамна имаше желба да Го види; зашто беше слушал за Него и се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него. И Му поставуваше многу прашања, но Тој не му одговори ништо. А свештени-чките главатари и книжниците стоеја и Го обвинуваа постојано. Тогаш Ирод, со своите војници, Го презре и Му се наруга; Го облече во сјајна облека и Го испрати назад при Пилата. Во истиот ден Пилат и Ирод се спријателија, зашто порано беа непријатели. А Пилат ги свика свештеничките главатари, началниците и народот, и им рече: “Ми Го доведовте Овој Човек како Тој да го бунтува народот; а, еве, јас Го испитав пред вас и не најдов во Овој Човек никаква вина, за која Го обвинувате. А ни Ирод, зашто Го прати назад при нас. И Овој не направил ништо, што заслужува смрт. Затоа, ќе Го казнам и ќе Го ослободам.“ А требаше да им ослободи еден затвореник на празникот. Но тие сите извикаа едногласно: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“ Кој беше фрлен во темница, заради некаква буна во градот и заради убиство. А Пилат им се обрати пак, сакајќи да Го ослободи Исуса; но тие викаа, велејќи: „Распни Го! Распни!“ А тој им рече по третпат: „Та какво зло направил? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт. Затоа ќе Го ослободам, откако ќе Го казнам.“ Но тие навалуваа со голема викотница и бараа да биде распнат; а викањето на нив и на свеште-ничките главатари беше сѐ посилно. Тогаш Пилат одлучи да го исполни нивното барање. И им го пушти оној, кого го бараа, а кој беше фрлен во темница заради бунт и убиство; а Исуса им Го предаде на нивна волја. И кога Го поведоа, го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, па врз него го ставија крстот, за да го носи по Исуса. По Него одеше големо множество народ и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус се заврти кон нив и им рече: „Ерусалимски ќерки, не плачете за Мене; туку плачете за себеси и за своите деца! Зашто, ете, доаѓаат денови кога ќе се рече: ‘Блажени се неродилките! И утробите што не родиле и градите што не доеле!’ Тогаш ќе почнат да им зборуваат на горите: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нѐ!’ За-што, ако се прави вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото. А водеа и други двајца разбојници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, таму Го распнаа Него; и зло-чинците - едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Татко, прости им, оти не знаат што прават!“ Кога го делеа Неговото облекло, фрлија жрепка. Народот стоеше и гледаше. А старешините се ругаа, велејќи: „Други спаси! Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божји Избраник!“ Му се потсме-ваа и војниците, кои Му се приближуваа и Му даваа киселина; и велеа: „Ако си Јудејски Цар спаси се Самиот!“ А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Јудејскиот Цар.“ А еден од обесените разбојници Го хулеше: „Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!“ А другиот во одговор го укори: „Зар не се боиш од Бога, кога и ти си исто така осуден. И, ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото од тоа што сме сториле. Но, Овој не направил никакво зло.“ И рече: „Исусе, спомни си за мене, кога ќе дојдеш во Твоето Царство!“ А Тој му рече: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност