Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 22:1-46

Лука 22:1-46 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Се приближуваше празникот на бесквасни лебови, познат како Пасха. Свештеничките поглавари и вероучителите настојуваа да најдат начин да Го убијат Исуса, но се плашеа од бунт меѓу народот. Тогаш Сатаната влезе во Јуда наречен Искариот, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Тој отиде кај свештеничките поглавари и кај управителите на храмот да се договори како да им Го предаде Исуса. Тие се израдуваа и му ветија дека ќе му платат за тоа. Јуда се согласи и почна да бара погоден момент да им го предаде кога нема да има народ наоколу. Дојде денот на празникот Бесквасни лебови, кога за пасхалната вечера се колеа јагниња. Исус ги испрати Петар и Јован со следниве упатства: „Одете и подгответе ја за нас пасхалната вечера.“ А тие Го прашаа, каде сака да ја подготват вечерата? Тој им одговори: „Кога ќе влезете во Ерусалим, ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Следете го до куќата во која тој ќе влезе, и кажете му на сопственикот на куќата: ,Учителот прашува каде е собата во која Тој со Своите ученици ќе ја прослави пасхалната вечера?‘ Тој ќе ви покаже веќе наместена голема соба, на горниот кат; тука подгответе ја вечерата.“ Тие отидоа и навистина најдоа сe како што им беше рекол Исус и ја приготвија пасхалната вечера. Кога дојде времето, Исус седна на трпезата со Своите апостоли, и им рече: “Имав голема желба да ја јадам со вас оваа празнична вечера, пред да почнат Моите страдања; зашто, еве, ви кажувам, дека повеќе нема да ја прославувам пасхалната вечера, сe додека во целост не се исполни нејзиното значење во Божјото царство!“ Потоа Исус ја крена чашата, Му заблагодари на Бог и им рече на Своите апостоли: „Земете го ова вино и поделете го меѓу себе. А, еве, ви кажувам дека по ова Јас повеќе нема да пијам вино сe додека не се воспостави Божјото царство.“ Потоа Исус зеде леб, Му заблагодари на Бог, го раскрши на парчиња и им го раздели, велејќи им: „Ова го претставува Моето тело, кое се дава за вас. Правете го ова како спомен на Мене.“ Исто така, по вечерата им ја подаде чашата и им рече: „Оваа чаша со вино го претставува Божјиот нов завет, што ќе биде заверен со Мојата крв, која се пролева за вас. Но еве ја веќе раката на Мојот предавник, кој вечерва седи со Мене на трпезава! Да, Јас, Синот Човечки, ќе умрам како што Ми е определено, но тешко на оној што Ме предава!“ Тогаш апостолите почнаа меѓу себе да се прашуваат, кој може меѓу нив да биде тој што ќе Го предаде? Меѓу учениците на Исус настана расправија околу тоа кој од нив ќе биде на највисока позиција. А Исус им рече: „Царевите на другите народи владеат над своите народи и сакаат да бидат нарекувани ,Народни добротвори.‘ Но меѓу вас не смее да биде така! Напротив, најголемиот меѓу вас треба да се потчини како да е најмлад; водачот треба да ви служи. Кој е поголем: оној што седи или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А еве, Јас Сум меѓу вас како слуга. Вие останавте со Мене во текот на сите Мои искушенија. И, еве, Јас ви давам царска чест, како што и небесниот Татко ми ја даде Мене. Вие ќе јадете и ќе пиете на Мојата трпеза, во Царството Мое, ќе седите на престоли и ќе им судите на дванаесетте израелски племиња.“ Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата. А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“ Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“ Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“ Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“ Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч. Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано во Светото Писмо: “Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега. Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“ Потоа Исус си замина од горната соба и отиде, како и обично, на Маслиновата Гора. Со Него појдоа и Неговите ученици. Кога стигна на тоа место, им рече: „Молете се да не потклекнете пред искушението!“ А Тој се одвои од нив, на растојание колку што може да се фрли камен со рака и клекна да се моли: „Небесен Татко! Ако сакаш, Те молам поштеди Ме од оваа страдалничка чаша! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата желба.“ Тогаш Му дојде ангел од небото и Го бодреше. Кога Го обзеде стравотна внатрешна борба, Тој уште поревносно се молеше, така што пот му капеше по земјата како капки од крв. Станувајќи од молитва, Тој се врати кај Своите ученици и ги затекна заспани, премалени од големата тага. Па им рече: „Зошто спиете!? Станете и молете се за да не потклекнете пред искушението!“

Лука 22:1-46 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха; а првосвештениците и книжниците бараа начин како да Го погубат, зашто се плашеа од народот. И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, кој беше вброен меѓу Два­на­есетте. И кога отиде, се договори со прво­свештениците и началниците, како да им Го предаде. Тие се зарадуваа и се спогодија со него да му дадат сребреници. Тој вети и бараше згоден час, да им Го предаде без знаење на народот. Дојде денот Бесквасници, кога тре­баше да се заколе пасхалното јагне; па ги испрати Исус Петар и Јован и им рече: „Одете и пригответе ни пас­ха, за да јадеме!“ А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвиме?“ Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете в град, ќе ве сретне човек со стомна вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе, и кажете му на домаќинот од ку­ќа­та: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.“ Кога отидоа, најдоа како што им бе­ше рекол и ја приготвија пасхата. А кога дојде времето, Тој седна на трпезата заедно со апостолите. И им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас, пред да пострадам; зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, додека не се исполни во царството Божјо.“ Тогаш ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја меѓу се­бе, зашто отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод, додека не дојде цар­ството Божјо.“ Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Мо­е­то тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“ Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролева за вас. Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава. Синот Човечки, пак, заминува, спо­ред она што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.“ И почнаа да се прашуваат меѓу се­бе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа? А се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем. Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори. Вие, пак, немојте така; но по­го­ле­миот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слу­га. Зашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга. Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израелови колена.“ И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пче­ница; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога еднаш ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“ А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“ Но Тој му рече: „Ти велам, Петре, уште пред да запее денес петелот, ти трипати ќе потврдиш дека не Ме познаваш.“ Па им рече: „Кога ве праќав без ќе­се, и без торба, и без обувки, дали ви не­достасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“ И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож; зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“ А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“ И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови. А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во ис­ку­ше­ние!“ И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па ги преклони ко­лената и се молеше, велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“ И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. Па, бидејќи се наоѓаше во внатреш­на борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата. Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога за да не паднете во искушение!“

Лука 22:1-46 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А наближуваше празникот на бесквасните лебови, кој се вика Пасха. Свештеничките главатари и книжниците размислуваа како да Го убијат; но се плашеа од народот. Тогаш сатаната влезе во Јуда, кој се викаше Искариот-ски, еден од бројот на Дванаесет-мината. Тој отиде и се договори со свештеничките главатари и со заповедниците како да им Го пре-даде. И тие се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И тој се согласи и бараше згодна прилика за да им Го предаде, кога таму не ќе биде народот. И дојде денот на бесквасните лебови, кога требаше да се заколе пасхалното јагне. И ги испрати Петра и Јована, велејќи: „Одете и пригответе ни да ја јадеме Пасха-та!“ А тие Му рекоа: „Каде сакаш да ја приготвиме?“ А Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете во градот, ќе ве сретне човек, кој носи врчва со вода; одете по него во куќата во која ќе влезе и речете му на домаќинот: ‘Учителот прашува, каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со Своите ученици?’ И тој ќе ви покаже голема горна одаја послана, таму пригответе!“ А тие отидоа и најдоа како што им рече и ја приготвија Пасхата. А кога дојде часот, седна Тој крај трпезата и апостолите со Него, и им рече: „Многу сакав да ја јадам со вас оваа Пасха, пред да пострадам, зашто ви велам: нема веќе да ја јадам додека не се исполни во Божјото Царство.“ И ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете ја и поделете ја меѓу себе, зашто ви велам дека нема да пијам од лозовиот плод - додека не дојде Божјото Царство!“ Потоа зеде леб, заблагодари и го рас-крши и им го раздаде, велејќи: „Ова е Моето тело, кое се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“ А исто така, ја зеде и чашата - по вечерата - и рече: „Оваа чаша е Новиот Завет во Мојата крв, која се пролева за вас. Но, ете, раката на оној, кој Ме предава е со Мене, на трпезава. Зашто Човечкиот Син оди, како што е определено, но горко му на оној човек, кој ќе Го предаде!“ И почнаа да се прашуваат помеѓу себе: кој ли ќе е од нив оној, кој ќе го направи тоа. А настана и препирка меѓу нив за тоа кој е од нив поголем. А Тој им рече: „Царевите на народите владеат над нив, а оние, кои управуваат над нив се викаат добротвори. А вие, немојте така! Но, поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, а старешината како служителот. Зашто, кој е поголем - оној, кој прилегнал по-крај трпезата или оној, кој слугува? Зар не е оној, кој прилегнал покрај трпезата? А Јас Сум меѓу вас како служител. Вие сте оние, кои истрајувате со Мене во Моите искушенија. И Јас ви го определувам Царството, како што Мојот Татко Ми го определи Мене, за да јадете и да пиете на Мојата трпеза, во Моето Царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте Израелеви племиња.“ “И рече Господ: Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица, но Јас се молев за тебе, за да не се намали твојата вера. 33 А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа!“ А тој Му одговори: „Гос-поди, готов сум да одам со Тебе и во темница и во смрт.“ А Тој рече: „Ти велам, Петре, денес не ќе пропее петел, додека трипати не се одречеш дека Ме познаваш!“ Уште им рече: „Кога ве пратив без ќесе и без торба и обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ А тие рекоа: „Ништо!“ И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека го земе; исто така и торба; а кој нема нека ја продаде својата наметка и нека си купи меч; зашто ви велам, дека треба да се изврши на Мене што е напишано: „И Го вброија меѓу злочинци!“ Имено, она што е пишано за Мене - се исполнува.“ А тие Му рекоа: „Господи, еве тука има два меча!“ А Тој им рече: „Доста е!“ И излезе и отиде, според обичајот, на Маслиновата Гора; а учениците одеа по Него. И кога дојде на местото, им рече: „Молете се, за да не паднете во искушение.“ И Тој се оддели од нив, колку што може да се фрли камен, и клекна на колена и се молеше, велејќи: „Татко! Ако сакаш, отстрани ја оваа чаша од Мене! Но нека не биде Мојата, туку Твојата волја!“ И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. И кога се најде во борба, се молеше уште поусрдно; а потта Му стана како капки крв, што паѓаа на земјата. И кога стана од молитвата, дојде при учениците и ги најде заспани од тага; и им рече: „Зошто спиете! Станете и молете се, за да не паднете во искушение!“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност