Лука 15:1-7
Лука 15:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Голем број наплатувачи на данок и други отпадници доаѓаа да Го слушаат Исус. А фарисеите и учителите по верски Закон почнаа да негодуваат, велејќи: „Овој човек се спријателува со отпадници, па и заедно со нив јаде!“ Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба: „Ако некој од вас има сто овци и една од нив се загуби во пустината, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да тргне по загубената, сe додека не ја најде? А кога ќе ја најде, целиот радосен ја качува на рамото, и ја носи дома. Потоа ги повикува пријателите и соседите и им вели: ,Радосен сум што си ја најдов загубената овца! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘ Ве уверувам, дека, на сличен начин, поголема е веселбата на небото за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог, одошто за деведесет и девет праведници на кои не им е потребно покајание!“
Лука 15:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Се приближуваа кон Него сите цариници и грешници за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече: „Кој од вас, ако има сто овци, и ако загуби само една од нив, нема да ги остави останатите деведесет и девет во пустината и нема да оди да ја бара загубената, сѐ додека не ја најде? А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца!‘ Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од каење.
Лука 15:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Сите цариници и грешници се приближуваа при Него, за да Го слушаат. А фарисеите и книжниците пак негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Тогаш им ја кажа оваа парабола: “Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе отиде по загубената, додека не ја најде. А кога ќе ја најде, ќе ја крене, радувајќи се, на своите рамена и кога ќе дојде дома ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!’ Ви велам: така ќе биде на небото, поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење.“