Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 12:22-34

Лука 12:22-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна. Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката. Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие! Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи? Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!? Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив! Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате! Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа! Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени. Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот небесен Татко со задоволство ќе ви го даде Царството! Продавајте ги своите имоти и разделувајте им ги парите на сиромасите. На тој начин ќе добиете торби што не се кинат, со трајно богатство на небото - таму, каде што ниту крадци провалуваат, ниту молци уништуваат! Зашто, срцето секогаш ќе ви биде таму каде што ви е богатството.“

Лука 12:22-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И им рече на учениците Свои: „За­тоа ви велам: не грижете се за душата своја што ќе јадете, ниту за телото свое што ќе облечете. Зашто душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеката. Погледајте ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците? Мисли ли некој од вас дека, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст? И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се гри­жите за друго? Погледајте ги лилјаните како растат! Ниту се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе ќе ве облекува вас, маловерни! Па затоа и вие, не барајте што ќе ја­дете или што ќе пиете; и не се загри­жу­вајте! Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви биде придодадено! Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството. Продајте си ги имотите ваши и да­вајте милостина! Подгответе си ќесиња што нема да изветват, ризница на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде; зашто, каде што е вашата ризница, таму ќе биде и срцето ваше.

Лука 12:22-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете; зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката. Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците! А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст? И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото? Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив. Ако Бог така ја облекува тревата во полето, што денес ја има, а утре ја фрлаат во печка; колку повеќе вас, маловерни? И така, не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се вознемирувајте со грижи! Сето тоа го бараат народите на светот, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно. Туку барајте го Неговото Царство, а тоа ќе ви се придаде! Не бој се мало стадо, зашто вашиот Татко благоволи да ви го даде Царството. Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби, што не изветвуваат: неисцрпно сокровиште на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува, зашто каде е вашето сокровиште, таму ќе биде и вашето срце.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност