Лука 12:22-31
Лука 12:22-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна. Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката. Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие! Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи? Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!? Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив! Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате! Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа! Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени.
Лука 12:22-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И им рече на учениците Свои: „Затоа ви велам: не грижете се за душата своја што ќе јадете, ниту за телото свое што ќе облечете. Зашто душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеката. Погледајте ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците? Мисли ли некој од вас дека, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст? И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго? Погледајте ги лилјаните како растат! Ниту се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе ќе ве облекува вас, маловерни! Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте! Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви биде придодадено!
Лука 12:22-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете; зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката. Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците! А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст? И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото? Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив. Ако Бог така ја облекува тревата во полето, што денес ја има, а утре ја фрлаат во печка; колку повеќе вас, маловерни? И така, не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се вознемирувајте со грижи! Сето тоа го бараат народите на светот, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно. Туку барајте го Неговото Царство, а тоа ќе ви се придаде!