Лука 12:16-21
Лука 12:16-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа им ја кажа следнава споредба: “Си беше еднаш еден богат човек, чии ниви родија богат род. Тој почна да размислува вака: ,Што да правам? Немам доволно место да го соберам сиот род!‘ Па си рече: ,Еве што ќе направам: ќе ги урнам моите складови за жито и на нивното место ќе подигнам поголеми, па во нив ќе го соберам сето жито и сето мое богатство. Тогаш ќе и речам на мојата душа: душо, имаш насобрано големо богатство, за многу години. Олабави се, јади, пиј и уживај!‘ Но Бог му рече: ,Глупаку! Уште вечерва ќе ти ја земам душата! На кого ќе му припадне сето ова што си го насобрал!?‘ Ете, ваква ќе му биде судбината на секој што си напластува само земни богатства, а не се збогатува со она што вреди пред Бог!“ - заклучи Исус.
Лука 12:16-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу. И размислуваше во себе, велејќи: ‚Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘ Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе ѝ речам на душата своја: ‚Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘ Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?‘ Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога.“
Лука 12:16-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И им кажа и парабола, велејќи: „Нивата на еден богат човек роди многу плод. И размислуваше во себеси вака: ‘Што да правам, зашто немам каде да ги соберам своите плодови?’ И рече: ‘Вака ќе направам - ќе ги разурнам своите житници и ќе изградам поголеми, и таму ќе ги соберам сето свое жито и сите свои добра. Тогаш ќе ѝ речам на својата душа - душо, имаш многу блага, натрупани за многу години; почи-вај, јади, пиј и уживај!’ Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти се побара твојата душа! Чие ќе биде тоа, што си го приготвил?’ Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.“