Лука 11:9-13
Лука 11:9-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа, ви велам: молете и ќе добиете, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви биде отворено. На секој што моли - ќе му се даде, секој што бара - ќе најде, на секој што тропа - ќе му биде отворено. Дали некој од вас, татковци, би му дал камен на синот, ако тој ве моли за леб!? Дали би му дале змија, ако тој ве моли за риба!? Дали би му дале скорпија, ако тој ви побара јајце!? Кога вие, кои сте лоши, знаете да им давате добри дарови на вашите деца, колку повеќе вашиот небесен Татко ќе им Го даде Светиот Дух на оние што Го молат!?“
Лука 11:9-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И Јас ви велам: Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што моли – добива, а кој бара – наоѓа, и на оној што чука – ќе му се отвори. И кој татко меѓу вас, ако синот му побара риба, ќе му даде змија место риба? Или, ако побара јајце, ќе му даде скорпија? Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што Му бараат?“
Лука 11:9-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И Јас ви велам: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! Зашто секој, кој моли - прима; и кој бара - наоѓа; а на оној, кој чука - ќе му се отвори. И кој е оној татко, меѓу вас, кој ќе му даде на сина си камен - ако побара леб? Или, ако побара риба, да му даде место риба - змија? Или ако побара јајце - да му даде скорпија? И така, ако вие, кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им даде Свети Дух на оние, кои Го молат?“