Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 11:1-12

Лука 11:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Еднаш, Исус се молеше на едно место, па кога заврши, еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, научи нe и нас како да се молиме, како што Јован Крстител ги научи своите ученици.“ Исус им рече: „Кога се молите, молете се вака: Небесен Татко: нека се почитува Твоето свето име, нека дојде Твоето Царство. Давај ни ја секојдневно храната што ни е потребна. Простувај ни ги гревовите, како што и ние им ги простуваме на нашите должници. Не оставај да им потклекнеме на искушенијата.“ Потоа Исус продолжи: „Замислете си дека некој од вас оди на полноќ кај својот пријател и му вели: ,Пријателе, позајми ми три парчиња леб, зашто од пат ми дојде еден пријател, а јас немам што да му принесам за јадење.‘ Замислете вашиот пријател однатре да ви довикне: ,Не додевај! Вратата ми е веќе заклучена, а и јас и децата сме веќе в постела. Не можам да станам и да ти дадам!‘ Ве уверувам, дека, ако не стане да ви даде затоа што ви е пријател, ќе стане и ќе ви даде сe што ви треба, за да си го зачува достоинството! Затоа, ви велам: молете и ќе добиете, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви биде отворено. На секој што моли - ќе му се даде, секој што бара - ќе најде, на секој што тропа - ќе му биде отворено. Дали некој од вас, татковци, би му дал камен на синот, ако тој ве моли за леб!? Дали би му дале змија, ако тој ве моли за риба!? Дали би му дале скорпија, ако тој ви побара јајце!?

Лука 11:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еднаш беше Тој на едно место и се молеше. Кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Гос­по­ди, научи нѐ да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.“ А Тој им рече: „Кога се молите, го­во­рете: ‚Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги нашите гревови, заш­то и ние самите му ги проштеваме на секој наш должник; и не воведувај нѐ во искушение.‘“ И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ‚Пријателе, дај ми на заем три леба; зашто ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам.‘ И ако оној одвнатре му одговори и рече: ‚Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти да­дам‘, ви велам дека, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост и ќе му даде колку што му треба. И Јас ви велам: Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што моли – добива, а кој бара – наоѓа, и на оној што чука – ќе му се отвори. И кој татко меѓу вас, ако синот му побара риба, ќе му даде змија место ри­ба? Или, ако побара јајце, ќе му даде скорпија?

Лука 11:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога се молеше на едно место и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нѐ да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици!“ А Тој им рече: „Кога се молите - говорите: „Татко наш, Кој си на небесата, да се свети Твоето име! Да дојде Твоето Царство! Да биде Твојата волја како на небото, така и на земјата! Нашиот насушен леб, давај ни го секој ден! Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој должник! И не нѐ воведувај во искушение, но избави не од злото!“ И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, и му рече: „Пријателе, дај ми на заем три леба, зашто ми дојде пријател од пат, а немам што да ставам пред него!“ А оној одвнатре да му одговори: ‘Не ме обеспокојувај, вратата е веќе затворена, а моите деца се со мене во постелата, не можам да станам и да ти дадам,’ ви велам, ако и не би станал да му даде, затоа што му е пријател, ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба. И Јас ви велам: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! Зашто секој, кој моли - прима; и кој бара - наоѓа; а на оној, кој чука - ќе му се отвори. И кој е оној татко, меѓу вас, кој ќе му даде на сина си камен - ако побара леб? Или, ако побара риба, да му даде место риба - змија? Или ако побара јајце - да му даде скорпија?