Лука 10:1-20
Лука 10:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа Господ назначи и други седумдесет (и двајца) и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди, и им рече: „Жетвата е голема, а работници има малку; затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници за жетвата Своја. Одете! Ете, Јас ве испраќам како јагненца среде волци. Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте! И во секоја куќа во која ќе влезете, прво кажете: ‚Мир на оваа куќа!‘ Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе почива на него; инаку, тој ќе се врати во вас; и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преместувајте се од куќа в куќа. И во секој град во кој ќе влезете, и ќе ве примат, јадете што ќе принесат пред вас; лекувајте ги болните што се во него и говорете им: ‚Се приближи до вас царството Божјо.‘ А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по улиците негови и кажете: ‚И правот од вашиот град што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го тоа, дека се приближи царството Божјо.‘ Ви велам дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град.“ „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто, ако во Тир и Сидон се случеа чудата што се случија кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале. Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на Судот, отколку вам. И ти, Капернауме, кој си се издигнал до небото, до адот ќе бидеш симнат. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува, а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.“ Се вратија, пак, седумдесет (и двајцата) со радост и велеа: „Господи, во Твое име и демоните ни се покоруваат.“ А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото како молња! Еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја непријателска сила; и ништо нема да ви наштети; но не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се напишани на небесата.“
Лука 10:1-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
По ова, Господ избра други седумдесет ученици и ги испрати двајца по двајца, како Своја претходница, во секој град и место каде што планираше да оди. Им рече: „Има голема жетва за собирање, а работници има малку. Затоа, молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата нива. Одете! Ве испраќам како јагниња меѓу волци. Не носете со себе ни ќесе со пари, ни торба, ни обувки! Не застанувајте по пат, дури ни за да се поздравите со некого. При влегувањето во секоја куќа, најпрво благословете со зборовите: ,Мир да има во оваа куќа!‘ Ако во таа куќа живее мирољубив човек, мирот навистина ќе му остане; ако не, повлечете го благословот за мир. Задржете се во истата куќа, јадете и пијте од она што имаат да ви дадат, зашто тој што работи ја заслужува својата плата. Не шетајте од куќа до куќа. Кога ќе влезете во некој град каде што ќе ве примат, јадете од тоа што ќе ви го принесат. Исцелувајте ги болните во тој град и зборувајте му на народот: ,Божјото царство допре и до вас!‘ Кога ќе стигнете во некој град каде што нема да ве примат, излезете на улиците и речете им: ,Ви го истресуваме дури и правот од вашиот град, што ни се прилепил за нозете! Но, да знаете дека Божјото царство се доближи и до вас!‘ Ве уверувам дека на Судниот ден ќе му биде полесно на Содом, одошто на тој град!“ „Тешко тебе, Коразине! Тешко и тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел! Но полесно ќе минат Тир и Сидон на Судниот ден одошто вие! А ти, граде Кафарнауме, што се креваш на високо, дури до небото - ќе се струполиш до адот! Исус им рече на Своите ученици: „Оној што вас ве слуша - Мене Ме слуша. Оној што вас ве отфрла - Мене Ме отфрла; а оној што Мене Ме отфрла - Го отфрла Бога, зашто Тој Ме испрати!“ Седумдесеттемина се вратија радосни, велејќи: „Господе, преку Твоето име нам ни се покоруваат и демонските духови!“ А Исус им рече: „Видов како падна Сатаната, како молскавица од небото! Ете, ви дадов моќ да газите на змии и скорпии и надмоќ над секоја непријателска сила - ништо да не може да ве повреди. Сепак, не радувајте се што ви се потчинуваат демонските духови, туку радувајте се што вашите имиња се запишани како жители на небото!“
Лука 10:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Потоа Господ определи седумдесет и ги испрати, по двајца пред Себе во секој град и во секое место, каде сакаше да отиде; и им рече: „Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва. Одете! Ете, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци. Не носете ни мало торбиче за сребреници, ни торба, ниту обувки и не поздравувајте никого патем! И во која куќа влезете, најнапред речете: „Мир на оваа куќа!“ И ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на неа; а ако ли не, ќе се врати при вас. Останете во таа куќа, јадете и пијте што имаат, зашто трудбеникот ја заслужува својата плата. Не преоѓајте од куќа во куќа. И ако влезете во некој град и ве примат, јадете што ќе изнесат пред вас! Исцелувајте ги болните во него и говорете им: „Божјото Царство се приближи до вас!“ Ако пак влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете: “И правот од вашиот град - што се залепил на нашите нозе - ви го истресуваме; но знајте го ова - Божјото Царство се приближи.“ Ви велам - полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град.“ “Горко ти, Хоразине! Горко ти, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон беа извршени чудата, што се случија во вас, веќе одамна би се покајале, облечени во вреќи и во пепел. Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на Судот, отколку вам! И ти Капернауме, зар ќе се издигнеш до небо? Ќе бидеш разурнат до пеколот! Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла; а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној, Кој Ме пратил.“ А седумдесетте се вратија со радост и рекоа: „Господи, и нечистите духови ни се покоруваат во Твое име.“ А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото, како молња! Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости. Но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се, дека вашите имиња се запишани на небесата!“