Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 1:26-56

Лука 1:26-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По шест месеци, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет, кај една девица по име Марија која му беше свршеница на Јосиф, потомок на царот Давид. Доаѓајќи кај неа, ангелот и рече: „Радувај се, зашто си преблагословена и Господ е со тебе!“ Марија се исплаши кога ги чу овие зборови и почна да размислува за значењето на необичниот поздрав. Ангелот и рече: „Не плаши се, Марија, Бог ти е благонаклонет! Ти ќе забремениш, ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус. Тој ќе биде велик и ќе биде наречен Син на Севишниот. Господ Бог ќе Му го даде Нему престолот од Неговиот предок, царот Давид. Тој вечно ќе владее меѓу потомците на Јаков и Неговото царство ќе нема крај.“ Тогаш Марија му рече на ангелот: „Како ќе родам дете, кога јас сум девица!?“ Ангелот и одговори: „Преку Светиот Дух, Кој ќе слезе, ќе те исполни и силата на Севишниот ќе се спушти врз тебе. Затоа и Детето што ќе го родиш ќе биде свето и ќе биде наречено Божји Син. Еве, и твојата роднина Елисавета забремени, иако е веќе во поодминати години. Ја нарекуваа неротка, а еве, таа е сега во шестиот месец на бременост, зашто, за Бог нема невозможни нешта! Тогаш Марија му рече: „Јас Му стојам на услуга на Господ; нека се исполни со мене она што го кажа ти.“ По ова, ангелот си замина. Набргу потоа, Марија побрза кон еден град во планинските предели на Јудеја. Влегувајќи во куќата на Захарија, се поздрави со Елисавета. Штом Елисавета го чу поздравот на Марија, детето во нејзината утроба се размрда. Елисавета се исполни со Светиот Дух, и гласно рече: „Ти си најблагословена од сите жени и благословено е Детето што е зачнато во тебе! Како токму кај мене да дојде мајката на мојот Господ!? Штом го чув твојот поздрав, детево во мојава утроба се размрда од радост! Благословена си, зашто поверува дека ќе се исполни тоа што Господ го кажал!“ Марија рече: “Душава моја Го слави Господа; извикува од радост мојот дух, заради Бог, мојот Спасител, Кој милозливо си спомна за мене, Неговата ништожна слугинка! Ете, отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат ,Благословена‘, зашто големи нешта направи Семоќниот за мене. Свето е Неговото Име, и милосрдието Негово спрема оние што Го почитуваат продолжува од поколение во поколение. Тој ја испружи Својата моќна рака и ги уништи оние што длабоко во себе се гордееја со своите мисли. Ги симна од власт владетелите, а ги возвиши понизните, ги насити гладните со благо, а богатите ги испрати со празни раце. Му дојде на помош на Својот слуга Израел, припомнувајќи си за милоста што им ја вети на нашите предци, за Авраам и за неговото потомство, довека!“ Марија остана кај Елисавета околу три месеци, а потоа се врати дома.

Лука 1:26-56 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет, кај една девојка. Таа беше свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија. И кога влезе ангелот кај неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со те­бе!“ А таа, штом го виде, се вознемири од зборовите негови и размислуваше што значи тој поздрав. И ѝ рече ангелот: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот тат­ко Давид; и ќе царува над домот Јаковов за­се­когаш, и царувањето Негово нема да има крај.“ А Марија му рече на ангелот: „Ка­ко ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“ Ангелот ѝ одговори и рече: „Свети­от Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неротка, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец; зашто кај Бога ниеден збор не оста­нува невозможен.“ Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според збо­ровите твои!“ И ангелот си отиде од неа. А Марија стана во тие дни и поита во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета. Штом го слушна Елисавета поздра­вот на Марија, заигра детето во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: „Бла­го­сло­вена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, штом гласот од твојот поздрав одекна во ушите мои, од радост ми заигра детето во утробата моја. И блажена е таа која поверува, заш­то ќе се исполни она, што ѝ рекол Гос­под.“ И рече Марија: „Мојата душа Го ве­лича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, зашто ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите по­ко­ле­нија; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и милоста Негова е од колено на ко­лено за оние што се бојат од Него. Тој покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние што се возгордеаја со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна понижените; гладните ги исполни со добра, а бо­гатите ги отпушти празни; го прифати Израел, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на тат­ков­ците наши, на Авраам и на семето негово довека.“ И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома.

Лука 1:26-56 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А во шестиот месец, Бог го испрати ангелот Гавриел во галилејскиот град, по име Назарет, при девица свршена за маж, по име Јосиф, од Давидовиот дом. А името на девицата беше Марија. И кога ангелот дојде при неа ѝ рече: „Радувај се благодатна! Гос-под е со тебе, благословена си ти меѓу жените!“ Таа се уплаши од тој збор и размислуваше: каков поздрав ќе биде тоа? Тогаш ангелот ѝ рече: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога. И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Сѐвишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид. И ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото Царство не ќе има крај.“ А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?“ Ангелот одговори и ѝ рече: „Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Сѐвишниот ќе те осени; затоа Светото кое ќе биде родено од тебе - ќе се нарече Божји Син. И ете твојата роднина Елисавета, и таа зачна син во својата старост. И тоа е веќе шестиот месец за неа, која ја наре-чуваат неплодна. Зашто ниеден збор од Бога нема да остане без сила.“ Марија му рече: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според твојот збор!“ И ангелот си отиде од неа. Во тие дни, Марија стана и отиде набргу во планинскиот крај, во еден Јудин град. Влезе во куќата на Захарија и ја поздрави Елиса-вета. И штом Елисавета го чу поздравот од Марија, младенецот ѝ заигра во утробата, а Елисавета се исполни со Светиот Дух. И извика гласно и рече: „Благосло-вена си ти меѓу жените! И благо-словен е плодот на твојата утроба! И откаде ми е тоа, мајката на мојот Господ да дојде при мене? Зашто, ете, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, младе-нецот заигра од радост во мојата утроба. И блажена е таа, која поверува дека ќе се исполни она, што Господ ѝ го рекол.“ И Марија рече: „Мојата душа Го велича Господа! И мојот дух се зарадува во Бога, мојот Спасител, зашто ја погледна смиреноста на Својата слугинка. И ете! Отсега сите родови ќе ме наречуваат блажена, зашто Силниот изврши големи дела за мене и Неговото име е свето, и Неговата милост од род до род, за оние, кои се бојат од Него. Со Својата рака напра-ви силни дела: ги распрсна горделивите во мислите на нивните срца, ги симна владетелите од престолите, а ги воздигна смирените, гладните ги насити со блага, а богатите ги отпушти празни; го прифати Израел, Својот слуга, да си спомни на милоста, како што им рече на нашите татковци - на Авраама и на неговото Семе, довека.“ А Марија остана со неа околу три месеци; и се врати во својот дом.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност