Лука 1:13-20
Лука 1:13-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е услишена и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован. И ќе бидеш радосен и весел; мнозина ќе се зарадуваат заради неговото раѓање. Зашто тој ќе биде голем пред Господ и нема да пие вино ни жесток пијалак, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си; и многу Израелови синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог; и тој ќе оди пред Него во духот и силата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата, и непокорните кон разумот на праведните, па да Му подготви на Господ народ подготвен.“ И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе во поодминати години.“ Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радосна вест; и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден кога ќе се случи тоа, затоа што не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.“
Лука 1:13-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Но, ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован. Ќе се радуваш и ќе се веселиш, а и многу други ќе му се радуваат на неговото раѓање. Тој ќе биде голем во очите на Господ и нема да пие ни вино ни жесток пијалак, туку ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си. Ќе поттикне многу Израелци да Му се вратат на нивниот Господ Бог. Тој ќе Му биде претходник на Господ Исус со духот и со силата на пророкот Илија, за повторно да ги зближи татковците со децата, да ги врати непослушните кон мудроста на праведните и да ги подготви за Господ оние што Му се наклонети.“ Тогаш Захарија го праша ангелот: „По што ќе знам дека ова навистина ќе се случи? Јас сум веќе стар, а и жената ми е во поодминати години.“ Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил и престојувам пред самиот Бог; Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа Радосна вест. Но ти не им поверува на моите зборови, кои сепак ќе се исполнат кога за тоа ќе дојде време; затоа сега ти ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш сe до оној ден кога ќе се исполни ова што ти го кажав!“
Лука 1:13-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Но, ангелот му рече: „Не бој се, Захарија! зашто е услишана твојата молитва! Твојата жена Елисаве-та ќе роди син, кому треба да му го дадеш името Јован. Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат на неговото раѓање. Зашто ќе биде голем пред Господа - нема да пие ни вино ни опојни пијалаци; и ќе се наполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка; и многу Израелеви синови ќе ги обрати кон Господа, нивниот Бог. Тој ќе врви пред Него во Илиевиот дух и сила, за да ги обрати срцата на татковците кон децата; а непокорните кон мудроста на праведниците, и да Му приготви на Господа совршени луѓе.“ А Захарија му рече на ангелот: „По што ќе го познам тоа? Јас сум стар, а и жена ми е застарена во своите дни!“ Анге-лот одговори и му рече: „Јас сум Гавриел, кој стои пред Бога и испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја известам оваа радосна вест. И ете, ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш до денот, кога ќе се збидне ова; зашто не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.“