Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Плачот 3:21-41

Плачот 3:21-41 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж: по милоста на Господ не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема! Господ е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам. Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара. Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господ. Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја. Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето врз него. Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж. Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презаситување, бидејќи Господ не отфрла за навек. Пратил ли неволја, Тој и ќе се смилува според Својата голема милост. Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува сино­вите човечки. Но, кога ги газат со нозете сите затвореници на земјата, кога неправедно осудуваат човек пред лицето на Севишниот, кога му се нанесува неправда на чо­векот во неговиот спор: зар Господ не гледа? Кој вели – „Бива и она што Господ не заповедал да биде?“ Зар не доаѓаат и злото и доброто од устата на Господ? На што се жалат живите луѓе? Секој за гревовите свои? Да ги испитаме и да ги истражиме патиштата свои и да се вратиме кај Господ. Нека го подигнеме срцето свое и рацете свои кон Бога, Кој е на небесата.

Плачот 3:21-41 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тоа го носам во срцето и затоа се надевам. Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат. Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема! „Господ е мој дел,“ ми вели душата, и затоа се надевам во Него.“ Добар е Господ за оној, кој се надева во Него, за душата, која Го бара. Блазе му на тој, кој трпеливо чека спасение од Господа. Блазе му на човекот кога тој носи јарем во својата младост. Нека седи во осаменост и нека молчи, зашто Тој му го наметна тоа; нека ги долепи усните до правот, можеби уште има надеж! Нека му го сврти образот на оној, кој го бие, нека се засити со подигравка. Зашто Господ не отфрла никого засекогаш: зашто и ако растажи, Тој се смилува заради Својата голема љубов. Бидејќи Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки. Кога се газат со нозе сите земни затвореници, кога му се изопачува правдата на човекот пред лицето на Сѐвишниот, кога му се нанесува неправда на човекот во парница, зар Господ не гледа? Кој рекол нешто и се случило? Не го заповеда ли тоа Господ? Не доаѓаат ли од устата на Сѐвишниот и доброто и злото. На што се жалат живите луѓе? секој на својот грев. Да ги испитаме, да ги пребараме своите патишта и да Му се вратиме на Господа. Да ги подигнеме своето срце и своите раце кон Бога, Кој е на небесата.