Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 3:1-17

Исус Навин 3:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Исус стана рано утредента, и тргна од Ситим и дојде до Јордан, тој и сите синови Израелови, и ноќеваа таму пред да го преминат. По три дена тргнаа управителите низ логорот, и им заповедаа на луѓето, велејќи: „Кога ќе го видите ковчегот на заветот на Господ, вашиот Бог, и свештеници, левити, како го носат, тргнете и вие од вашето место и одете по нив. Но растојанието меѓу вас и нив да биде околу две илјади лакти; не се доближувајте до него; така ќе го знаете патот, по кој ќе одите, зашто вие не сте оделе по тој пат никогаш порано.“ И му рече Исус на народот: „Ос­ветете се, бидејќи утре Господ ќе изврши меѓу вас чудни дела.“ На свештениците, пак, им рече Исус: „Земете го ковчегот на заветот и одете пред народот.“ Свештениците го зедоа ковчегот на заветот и тргнаа пред народот. Тогаш Господ му кажа на Исус: „Од денес ќе почнам да те возвишувам пред очите на сите синови Израелови, за да дознаат дека, како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе. А сега заповедај им на свеш­те­ниците, кои го носат ковчегот на заветот, и кажи им: ‚штом ќе влезете во водите на Јордан, запрете во Јордан.‘“ Исус им кажа на синовите Изра­елови: „Дојдете ваму и чујте ги збо­ро­вите на Господ, вашиот Бог!“ Уште им рече Исус: „Од тоа ќе дознаете дека меѓу вас е живиот Бог, Кој ќе ги изгони од вас Хананците и Хи­тијците, Евејците и Перизијците, Гер­гесејците, Аморејците и Јевусијците; ете, ковчегот на заветот на Гос­по­дарот над целиот свет ќе тргне пред вас преку Јордан; и земете си дванаесетмина луѓе од синовите Израелови, по еден човек од секое племе; и штом нозете на свештениците, кои го носат ковчегот на Господарот над целиот свет, ќе стапнат во водите на Јордан, водата јорданска ќе се пре­кине, а водата што тече одозгора, ќе запре.“ И така, кога народот тргна од шаторите свои за да го мине Јордан, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот пред народот, тогаш, штом оние, што го носеа ков­чегот влегоа во Јордан, и нозете на свештениците, кои го носеа ковчегот, се наквасија во водите на Јордан; а беше време кога Јордан, во текот на целиот период на жетвата на пченицата се из­лева од своите брегови, водата, што течеше одозгора, запре и се претвори во карпа оддалечена на многу големо растојание, кај градот Адам, кој се наоѓа во пределот Царе­тан; а водата што течеше надолу, исте­чуваше кон Арабиското, односно Соле­ното Море, сѐ додека не истече докрај. А народот премина спрема Ерихон. А, свештениците што го носеа ковчегот на заветот Господов, застанаа на суво среде Јордан. И сите синови Израелови преминуваа на суво, додека целиот народ не го премина Јордан.

Исус Навин 3:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Исус подрани и со сите Израелеви синови тргна од Ситим. И стигнаа до Јордан па таму, пред преминувањето, преноќија. По три дни старешините поминаа низ логорот и му заповедаа на народот: “Штом ќе ги видите Ковчегот на Заветот на Господа, вашиот Бог, и свештениците левити кои го носат, тргнете сите од своето место и појдете по нив. Така ќе го знаете патот по кој треба да одите, зашто по тој пат уште никогаш не сте оделе. Ама меѓу вас и Ковчегот нека има растојание од две илјади лакти. И да не му се приближите.“ А Исус му нареди на народот: „Посветете се за утре, зашто утре Господ ќе направи чуда меѓу вас.“ А на свештениците Исус им заповеда: „Кренете го Ковчегот на Заветот и носете го пред народот.“ И го кренаа Ковчегот на Заветот и го понесоа пред народот. Господ му рече на Исуса: „Денес почнувам да те возвишувам пред очите на сиот Израел, нека знаат дека сум со тебе, како што бев со Мојсеја. Ти пак заповеди им на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот: ‘Кога ќе стигнете до јорданските води, застанете во самиот Јордан.’“ Тогаш Исус им рече на Израелците: „Пристапете и чујте ги зборовите на Господа, својот Бог.“ И Исус рече: „По ова ќе сознаете дека е меѓу вас живиот Бог: Тој ќе ги гони пред вас Ханаанците, Хетејците, Евејците, Ферезејците, Гергесејците, Аморејците и Евусејците. Еве, Ковчегот на Заветот на Господарот на целата земја ќе тргне пред вас преку Јордан. Изберете веднаш дванаесет луѓе од Израелевите племиња, по еден од секое племе. Штом стапалата на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот, на Господарот на целата земја, ќе стапат во Јордан, водата на Јордан ќе се раздели, и онаа што тече одозгора ќе застане како насип.“ Кога народот тргна од своите шатори за да премине преку Јордан, свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот пред нив. А кога носителите на Ковчегот стигнаа до Јордан и кога свештениците, кои го носеа Ковчегот, загазија во водата на брегот - а беше време на жетва кога Јордан се прелева преку своите брегови - водата што течеше одозгора далеку, како насип, застана кај градот Адам, што се наоѓа покрај Заретан; а водата што истечуваше долу во Арабјанското или Соленото Море сосем истече, и народот поминуваше спроти Ерихон. Свештениците, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, стоеја на суво среде Јордан, и Израел поминуваше по суво, сѐ додека сиот народ не помина преку реката.