Јона 3:1-10
Јона 3:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И повторно дојде словото Господово до Јона, велејќи му: „Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај му го она што ќе ти кажам.“ Стана Јона и отиде во Ниневија по заповед на Господ; а Ниневија беше многу голем град: три дена одење. И Јона почна да оди по градот, колку што можеше да се изоди за еден ден, и проповедаше, велејќи: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!“ И поверуваа Ниневјаните во Бога, прогласија пост и се облекоа во вреќи, мало и големо. Таа проповед дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна во пепел, па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци, ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат; и луѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од неправдите што ги вршел. Кој знае, можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме. И ги виде Бог нивните дела дека тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали по однос на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли.
Јона 3:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господовото слово му дојде вторпат на Јона и му рече: „Стани, оди во Нинивија, голем град, и прогласи ја проповедта во него што ќе ти ја речам.“ Јона стана и отиде во Нинивија, според Господовото слово. Нинивија беше многу голем град - три дни одење. Јона кога почна да влегува во градот ден одење, проповедувајќи, велеше: „Уште четириесет денови, и Нинивија ќе биде уништена.“ И нинивијците поверуваа во Бога; огласија пост и се облекоа во вреќишта, сите од најголемиот до најмалиот. Словото стигна до царот на Нинивија, тој стана од престолот, ја соблече плаштеницата од себе, се облече во вреќиште и седна во пепел. Тогаш по одредбата на царот и на неговите големци се огласи и се објави во Нинивија: „Луѓето и добитокот, говедата и овците да не вкусат ништо, ниту да пасат, ниту да пијат вода. Туку и луѓето и добитокот да се покријат со вреќишта, да повикуваат силно кон Бога и секој да се одврати од својот лош пат и од насилствата што се во нивните раце. Кој знае, можеби Бог ќе се смилува и ќе се одврати од Својот лут гнев за да не загинеме?“ Бог ги виде нивните дела: дека се обратија од својот лош пат. И Господ се сожали заради несреќата со која им се беше заканил да ја направи, и не ја направи.