Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јоил 2:1-27

Јоил 2:1-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека трепе­рат сите жители земни, зашто доаѓа денот Господов, близу е денот на темнина и мрак, денот об­лачен и црн: како зората се шири по горите многуброен народ и силен каков што немало од векот и каков што не ќе има потоа од род во род. Пред него оган ќе голта, а зад него пламен ќе пали; пред него е земјата како Едемска градина, а зад него земјата ќе биде опустошена како пустина, и за никого нема да има спас. Изгледаат како коњи, галопираат како коњаници, скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како шум од огнен пламен, кој гори слама – како силен народ построен за борба. Штом ќе се појави, ќе затреперат народите; лицата на сите ќе им побледат. Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да отстапува од патот свој. И нема да се притискаат еден со друг, туку секој се држи до својот пат; незапирливо се пробиваат меѓу стрелите. Ќе навалат на градот, ќе се иска­чуваат по ѕидовите, ќе влегуваат во ку­ќите, ќе влегуваат и низ прозорците ка­ко крадци. Пред нив ќе се потресе земјата, ќе се расклати небото, сонцето и месе­чината ќе потемнат, а и ѕвездите ќе ја изгубат светлината своја. И Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и многу­бројни се оние што ќе ја извршуваат волјата Негова; зашто голем е денот Господов и многу е страшен, и кој ќе истрпи? Но и уште сега вели Господ: вра­тете се кај Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не обле­ката и вратете се кај Господ вашиот Бог: зашто Тој е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува кога казнува. Кој знае дали нема да се смили и дали ќе остави благослов: лебен принос и прелив за Господ, вашиот Бог? Затрубете со труба на Сион, наредете пост и објавете свечен собир. Соберете го народот, свикајте со­бир, поканете ги и старешините, собе­рете ги децата и доенчињата; нека изле­зе младоженецот од свадбената соба и невестата од својата одаја. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господ и нека молат: „Смилувај се, Гос­поди, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?“ Тогаш Господ стана љубоморен за земјата Своја, па му се смилува и на народот Свој. Тогаш одговори Господ и му рече на народот Свој: „Еве, Јас ќе ви пратам леб, вино и масло, и ќе се наситите со тоа, и нема повеќе да ве предавам на срам пред народите. И непријателот од север ќе го мавнам и ќе го протерам во безводна и пуста земја – претходницата – во источ­ното море, а позадината – во западното море, и ќе се почувствува неговиот гни­леж, и ќе се почувствува смрдеа, зашто тој беше направил големо зло. Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто Господ изврши големи дела. Не плашете се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустината ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе дадат изобилен род. А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог; зашто Тој ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – пролетен дожд и есенски дожд, како и порано. И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со масло. И ќе ви надоместам за оние години, кога испојадоа сѐ скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас. Во изобилство ќе јадете и ќе се на­ситувате и ќе го славите името на Гос­под, вашиот Бог, Кој со вас постапи на чудесен начин, така што Мојот народ нема да се посрами довека. И ќе познаете дека Јас сум среде Израел и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ не­ма да се посрами довека.“

Јоил 2:1-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Трубете во труба на Сион! Дајте тревога на светата ми гора! Нека треперат сите жители на земјата, зашто доаѓа Господовнот ден. Да, тој е близу. Ден полн со мрак и темнина, облачен и темен. Како зора по горите се шири јак и многуброен народ, каков немаше никогаш порано. ниту ќе го има некогаш до најдалечните времиња. Пред нив огнот изедува, по нив пламенот голта. Земјата е како рајска градина пред него, а по него тажна пустина. Ништо не му бега. Личат на коњи, трчаат како коњаници. Бучат како бојна кола, скокаат по горските врвови, потпукнуваат како огнен пламен кога ја изедува нивата со тврдо зрно, како силна војска во боен ред. Пред нив треперат народите и секое лице пребледнува. Скокаат како јунаци, се искачуваат на ѕидовите како војници. Секој оди право напред, не отстапува од својот пат. Не се стискаат еден друг, туку секој оди по својата патека. Паѓаат од стрели, не прекинувајќи ги редовите. Се спуштаат врз градот, скокаат на ѕидовите, се искачуваат на куќите и влегуваат низ окната како крадец. Пред нив се тресе земјата, небото трепери, сонцето, месечината потемнуваат, на ѕвездите им гасне блесокот. И Господ ќе испрати Свој глас пред Своето воинство. Зашто сосем многубројна е Неговата војска, силен извршител на Неговата заповед. Да, величествен е Господовиот ден и многу страшен. Кој ќе го истрпи? „Но и сега - Господово е словото - вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање.“ Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Бога, вашиот Бог, зашто Тој е добар и многумилостив, Тој ќе се сожали на бедата. Кој знае не ќе ли се нажали пак, не ќе ли остави благослов зад Себе! Лебниот принос и налевници за Господа, вашиот Бог! Свирете во рог на Сион! Наредете свет пост, огласете свечен собир, соберете го народот, осветете го соборот. Соберете ги старците, приберете ги децата, па и доилчињата од градите. Младоженецот нека излезе од свадбената соба, а невестата од ложницата. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, Господовите слуги. Нека молат: „Смили му се Господи, на Својот народ! Не му го предавај Своето наследство на срамот, на потсмев на народите. Зошто да се рече меѓу народите: ‘Каде им е нивниот Бог?’“ Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ. Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите. Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.“ О земјо, не бој се! Биди весела, радувај се, зашто Господ направи големи дела. Полски ѕверови, не бојте се; пасиштата во пустината се зеленеат пак, овошките даваат род, смоквата и лозата носат изобилство. Сионски синови, радувајте се, веселете се во Господа, вашиот Бог; зашто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш. Гумната ќе бидат полни со жито, каците ќе се прелеваат од вино и масло. „Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, гасеницата, црвецот и бубачката, Мојата силна војска што ја испратив против вас. Ќе јадете изобилно, ќе јадете до ситка, ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој постапуваше чудесно со вас. Мојот народ не ќе се засрами никогаш веќе. Ќе знаете дека Сум сред Израел, дека Јас Сум Господ, ваш Бог, и никој друг. Мојот народ нема да се засрами.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност