Јов 42:1-9
Јов 42:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Му одговори Јов на Господ и рече: „Знам дека Ти сѐ можеш и дека намерата Твоја не може да биде неизвршена. Кој е тој што го помрачува Провидението со зборови што не ги разбира? Ете, јас го говорев она што не го разбирав, за чудни дела што не можев да ги знам. Послушај ме, викав јас, и ќе говорам, и што ќе Те прашам, објасни ми го. Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат; затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел.“ И потоа, откако Господ му ги изговори на Јов овие зборови, му рече на Елифаз од Теман: „Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов. Затоа, земете си со себе седум телиња и седум овни, па одете кај Мојот слуга Јов и принесете си за себе жртва; и Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас, зашто само неговото лице ќе го примам, за да не ве отфрлам, поради тоа што не говоревте за Мене вистина, како слугата Мој Јов.“ И отидоа Елифаз од Теман, Вилдад од Шуах и Софар од Ноема, и направија како што им заповеда Господ, а Господ го прими застапништвото Јовово.
Јов 42:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Јов му одговори вака на Господа: „Јас знам, Твојата моќ е безгранична: Што и ќе наумиш, можеш да го направиш тоа. Кој е тој што со безумни зборови ја помрачува божествената промисла? Затоа зборував, но не разбирав, за чудесата што мене ми се несфатливи. О послушај ме, остави ме да зборувам: Јас ќе Те прашувам, а Ти поучи ме. Досега Те познавав само по слушање, но сега моите очи Те видоа. Затоа, се гнасам од сите свои зборови и се каам во прав и пепел.“ Кога Господ му ги изговори на Јова овие зборови, Тој му рече на Теманецот Елифаз: „Ти и твоите два пријатели го распаливте Мојот гнев, зашто не зборувавте за Мене така право, како Мојот слуга Јов, Затоа, земете сега седум јунчиња и седум овни и отидете при Мојот слуга Јов, да принесете паленица за себе, а Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас. Ќе имам обѕир кон него, и нема да ви сторам ништо лошо, зашто не зборувавте за Мене онака право, како Мојот слуга Јов.“ Тогаш отидоа Елифаз од Теман, Валдад од Сава и Софар од Наам и направија како што им заповеда Господ. И Господ погледна кон Јова.