Јован 8:12-20
Јован 8:12-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“ Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинито.“ Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинито, зашто знам од каде сум дошол и каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и каде одам. Вие судите по телото, Јас не судам никому. И ако судам Јас, Мојот суд е вистинит, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати. А и во законот ваш е напишано дека сведоштвото од двајца сведоци се смета за веродостојно. Јас сведочам за Себе и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“ Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Отец?“ Исус одговори: „Вие не Ме знаете ни Мене, ни Мојот Отец; ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаевте и Мојот Отец.“ Овие зборови ги кажа Исус кај ризницата, кога поучуваше во храмот; и никој не го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.
Јован 8:12-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“ Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“ Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам. Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам. А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати. Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца се смета за веродостојно. Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“ Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“ Овие зборови Тој ги кажа кај ризницата, додека поучуваше во храмот и никој не Го уапси, зашто се уште не беше дошол Неговиот час.
Јован 8:12-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Исус пак прозбори натаму, велејќи: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.“ Затоа фарисеите Му рекоа: „Ти сведочиш Сам за Себе - Твоето сведоштво не е вистинско.“ Исус во одговор им рече: „Иако сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде дојдов и каде одам, а вие не знаете од каде дојдов и каде одам. Вие судите според телото; Јас не му судам никому. И ако и судам Мојот суд е вистински, зашто не Сум Сам, туку - Јас и Мојот Татко, Кој Ме прати. И во вашиот закон пишува дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско. Јас сведочам за Себе и Мојот Татко, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“ Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус одговори: „Не Ме познавате ни Мене ни Мојот Татко; ако Ме познававте Мене, ќе Го познававте и Мојот Татко.“ Овие зборови ги кажа, при ризницата, кога поучу-ваше во Храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час.