Јован 5:17-21
Јован 5:17-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Но Исус им одговори: „Мојот небесен Татко не престанува да работи, па и Јас работам.“ Заради ова, еврејските верски водачи уште поцврсто беа решени да Го убијат, зашто Тој не само што ја прекршуваше уредбата за саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Татко, изедначувајќи се така со Бог. Во одговор, Исус им рече: „Ве уверувам дека Синот не може да прави ништо сам од Себе; Тој го прави само она што го гледа кај Татка си. Тоа што го прави Таткото, го прави и Синот. Зашто, Таткото Го сака Синот и Му покажува се што прави. Тој преку Синот ќе покаже и поголеми дела од ова исцелување, за вие да се чудите. Зашто, како што Таткото ги подига мртвите и ги оживува, исто така и Синот оживува кого сака.
Јован 5:17-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А Исус им одговараше: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам.“ Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, бидејќи не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога. А Исус им одговори на тоа и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не види што прави Отецот; она што го прави Тој, тоа истото го прави и Синот. Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие. Зашто, како што Отецот воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака.
Јован 5:17-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Исус им одговори: „Мојот Татко работи постојано, па и Јас работам.“ Затоа Јудејците Го бараа уште повеќе да Го убијат, не само дека ја нарушуваше саботата, туку дека и Бога Го наречу-ваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бога. А Исус пак во одговор им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот. Зашто Таткото Го љуби Својот Син и Му покажува сѐ што прави Сам и ќе Му покаже дела уште поголеми од овие, за да се чудите. Зашто, како што Таткото воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака.